| четврток, 6 декември 2018 |

Убиени 66 и киднапирани 119 новинари во 2014

Во текот на 2014 година се убиени 66, а 119 новинари се киднапирани. Бројката на убиени новинари во 2014 година е помала во однос на 2013 година (71), но бројката на киднапирани е зголемен (87), соопшти во Париз Меѓународната организација за заштита на новинарите Репортери без граници (Reporters Without Borders). 

Во годишниот извештај се наведува дека во 2014 година се бележат различни форми на екстремно насилство врз новинарите, како што е отсекувањето на глави на двајца новинари. 

„Ретки се случаите во кои новинарите се убиени на толку свиреп начин“, навеле од организацијата алудирајќи на видео снимките од погубувањето на американските новинари Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф на кои екстремистите од Исламската држава им ги отсекоа главите. 

Две третини од убиствата на новинарите биле во конфликтни области – во Сирија која како и лани останува најопасна земја за новинарите со 15 убиства, во појасот Газа (седум убиени), на истокот на Украина (шест убиени), во Ирак (четири убиени) и во Либија (четири убиени), каде само последните пет месеци беа убиени тројца новинари. 

Киднапирањата на новинари се во пораст во 2014 година особено во Украина, каде се киднапирани 33 новинари, во Либија 29, Сирија 27, а во Ирак 20. 

Моментно во светот 40 новинари се во заложништво. Меѓу нив 22 се во Сирија, од кои 16 се Сиријци, а во Ирак има осум заложници новинари и сите се Ирачани. 

Во затвор се 178 новинари. 29 новинари служат затворска казна во Кина, 28 во Еритреја, 19 во Иран, 16 во Египет и 13 во Сирија.Украина е на врвот на листата по напади врз новинари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top