Кум на 23-тата прослава на Бадник ќе биде Сашо Џиковски, а здравичар Благоја Анчевски, соопшти денеска на прес-конференција Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“.
Од здружението информираат дека направени се сите подготовки за успешно одвивање на манифестацијата која, како што велат наиде на општо одобрување и поддршка кај скопјани.
Кумот Сашо Џиковски е познат бизнисмен и хотелиер, градежник и сопственик на фирма за производство на метална галантерија, а во последниве 15 години го води хотелот „Арка“ во Стара чаршија, заедно со сопругата Костадинка.
За здравичарот Благоја Анчевски велат дека со труд си ја заслужил титулата за претстојниот бадникарски празник. Тој со бадникарите е од 1993 година, и активно работи и учествува во сите повеќемесечни активности на Одборот.
Одборот традиционално како и секоја година во последната недела во декември односно оваа на 28-ми во месноста Говрлева краста, од падините на Водно ќе бере бадникови гранчиња кои на 6 јануари бесплатно ќе ги дели пред Соборниот храм „Свети климент Охридски“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.