| четврток, 6 декември 2018 |

Бадник во домот на семејството Иванови

На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божик, денеска во домот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го посетија децата од Интерактивното филмско училиште „Тинтири Минтири”, кои ја донесоа Божикната литија и со песната „Вечниот Бог“ го најавија Христовото раѓање.

Сопругата на македонскиот претседател, Маја Иванова, изјави дека како семејство секогаш ги почитувале верските и традиционалните вредности, и дека се поборници на враќање на христијанските духовни вредности.

– Дозволете ми од името на моето семејство, од името на нашите денешни гости, да ви го честитаме Божик и Бадник. Нека Христовата светлина влезе во секое христијанско семејство, нека ви донесе многу радост, среќа и здравје, убавини, мир, благосостојба, многу љубов, изјави Иванова.

На децата семејството Иванови им подарија пригодни пакетчиња.

Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог“ потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.

Децата учесници во бадникарските поворки ја пејат песната „Вечниот Бог“ и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус.

Со божикната каланда (песна) „Вечниот Бог“ се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашното Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи. Сведоштво за универзалниот карактер на оваа каланда се бројните нејзини напеви кои се среќаваат од Европа, преку Азија, сѐ до Африка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top