| четврток, 6 декември 2018 |

Проговори војникот што го стрелаше романскиот диктатор: И денеска сум вознемирен

Рацете на Лионел Боеру се тресат додека говори за „Гардијан“ за денот кога пред 25 години крај тоалетот во смрзнатиот двор во Трговиште го стрелаше романскиот диктатор Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена.

На Божиќ 1989 година тој беше стражар на нивното мелодрамско формално судење. Ги изведе од зградата додека диктаторот ја пееше Интернационалата, а неговата помалку прибрана жена врескаше „е*ете се“! Потоа ги постави пред ѕидот и ги покоси со својот калашњиков.

Се се случи толку брзо што воениот фотограф кој го снимаше судењето успеа да го фати само последниот рафал и телата што се струполија на подот. Но, и тие неколку секунди го обележија животот на овој падобранец.

-И денеска сум нервозен кога говорам за тоа, вели и ја испива чашата ракија. „Прекинав два животи. Во војна тоа е прифатливо, но многу е потешко кога ќе убиеш невооружени луѓе. Тоа никому не би му го посакал, иако мене убивањето луѓе ми е работа.

Крупен човек со мустаќи од матните снимки, денеска е полничок дедо кој не жали што токму тој го означи крајот на владеењето на Чаушеску, обележана со страв и сиромаштија. И неговото семејство било меѓу милионите прогонети.

-Мојот дедо беше свештеник, либерал, поголемиот дел од животот го помина во затвор, вели Боеру. „Тој навистина е среќен по овие настани, среќен е што режимот се променил, што Чаушеску е мртов. Ми рече: „Без грижа, јас на себе ги земам твоите гревови“.

Не е лесно да се биде еден од најславните крвници на минатиот век. Го плати тоа со губење на приватноста и брак со жената на која и пречеше таквата мачна слава.

Боеру верува дека токму неговите куршуми ги убија Чаушеску и неговата сопруга, бидејќи кога почнал да пука, воочил дека еден од тројцата челанови на стрелачкиот вод се скаменил на неколку секунди, а другиот заборавил да го стави оружјето да работи на автоматски начин, а успеал да испука само неколку поединечни куршуми.

Николае и Елена „сеуште беа многу вљубени“ и бараа да умрат заедно и покрај пресудата која предвидува одвоено погубување. Тој им ја исполнил таа последна желба и се теши што ги убил веднаш. „Многу брзо ги застрелав. Сметам дека им овозможив да умрат достоинствено“, вели.

Во Романија, неговата генерација, која во училиште била воспитувана со комунистичките теории, а дома со човечка окрутност, и денес прилично едноставно говорат за цената на политичките превирања. „Секоја револуција бара крв. А не заборавајте дека револуцијата ги јаде своите јунаци“, вели тој и ги крева рамениците.

Боеру тогаш имал 31 година и бил во елитната падобранска единица, каде се јавил како доброволец за таинствената божикна мисија. Наредбата ја добиле само миг пред средбата со Николае Чаушеску кој само пред ден-два бил апсолутен владетел.„ Министерот ме праша ’Војнику можете ли тоа да го сторите?‘, одговори, ’Можам‘. А што можев да речам?“

Останатите војници тогаш молеа да им падне в раце Чаушеску. За жал добија повеќе од тоа, вели Боеру. Кога се враќаа од местото на судењето, хеликоптерот беше полн со тужители, судии, високи офицери и немаше место за војниците.

-Тогаш сите сакаа да бидат на нашето место, денеска никој не сака“, заклучува Боеру.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top