Употребата на дроги меѓу децата во Македонија е проблем што бара сериозен пристап и многу брза реакција како на професионалците што работат на тоа поле, така и на носителите на одлуки во воспоставувањето промени во здравствениот систем и во системот на социјална заштита. Потребни се и соодветно згрижување, третман и лекување на децата што употребуваат дроги, како и соодветни установи за нивна грижа.
Ова беше констатирано на денешната тркалезна маса на тема „Третман и грижа на децата што употребуваат дроги“ во организација Народниот правобранител на Република Македонија и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Народниот правобранител Иџет Мемети во своето обраќање нагласи дека загрижувачки се информациите дека сè повеќе деца се корисници на дроги на сметка на намалувањето на возрасната граница на децата.
– Потребно е меѓусекторско дејствување, односно спроведување континуирани мерки за превенција, едукација во сите степени во образованието за штетноста од употребувањето на дроги но, исто така, потребно е и засилување на семејството како основна заедница и зголемување на капацитетите на органите што вршат надзор на семејството за да може да оценат кога средината може да влијае на детето негативно и тоа да се најде во состојба да маифестира дивијантно и криминогено однесување што во многу случаи доведува и до користење на дроги – истакна Мемети.
Координацијата меѓу Министерствата за здравство и за труд и социјална политика, како и локалната самоуправа и народниот правобранител се институциите, кои, според Мемети, можат многу да придонесат во намалувањето бројот на децата што се корисници на дроги.
Употребата на дроги, велат од ХОПС не е проблем само кај децата, таа се употребува и пошироко. Тие укажаа и на потребата од програми за третман на деца што употребуваат дроги.
– Во последните три години немаме ниту едно дете под 18 години што било вклучено во центрите за лекување од зависности што постојат. Од друга страна, пак, во клиниката за детски болести и психијатрија во изминатиите години прифаќале деца што употребуваат дроги. Тоа не се соодветни програми преку кои може да се работи со тие деца – рече Воскре Наимоска Илиева од ХОПС.
Според истражувањето на ЕСПАД направено во Скопје во 2012 година на 1146 ученици од средните училишта на возраст од 16 години, 8,7 проценти изјавиле дека имаат користено марихуана, 3,75 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат користено екстази, 2,18 проценти употребувале инхаланти. Од останатите видови на дроги учениците 1 процент употребувале Амфетамин, 0,8 отсто ЛСД, 0,8 проценти кокаин, и 0,9 отсто хероин. Дрога инјектирале 0,6 проценти од испитаниците.
Најмалите корисници на дроги во Македонија се тригодишно дете што дува лепак и осумгодишно што инјектира дрога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



