Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, денеска од зградата на Европскиот совет во Брисел порача дека став на Европската комисија е дека местото на опозицијата во Албанија и во Македонија е во парламентот.
Во исто време, наследникот на Штефан Филе ги потврди заклучоците усвоени на средбата на амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во средата минатата недела дека за нашата земја нема да има отворање на преговорите и на претстојниот самит на Европскиот совет.
– Официјален став на Еврокомисијата е дека местото на опозицијата во сите земји од Балканот каде што отсуствува од работата на парламентите е дека на нив местото им е таму и дека треба да се вратат и да функционираат во рамки на законодавните домови. Во однос на Република Македонија и шестата препорака на ЕК за отворање на пристапните преговори, за жал има некои препреки во рамки на Советот кои не дозволуваат тоа да се случи, истакна комесарот Хан, не прецизирајќи кои се тие пречки, иако е јасно дека се работи за блокада од страна на Грција.
Хан денеска присуствуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ-земјите во рамки на Советот за надворешни работи (ФАК), каде од земјите од проширувањето, само се донесе заклучок за Босна и Херцеговина, додека за останатите земји и за целиот пакет за проширување на Унијата, ќе се разговара утре во рамки на Советот за општи работи (ГАК), каде исто така ќе заседаваат шефовите на дипломатиите на змејите-членки на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



