| четврток, 6 декември 2018 |

Куновска и Трајановски со проект за „Митрополит Теодосиј Гологанов“

Кандидатите за градоначалници на град Скопје и општина Карпош, Коце Трајановски и Јагнула Куновска, го промовираа проектот за продолжување со проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Станува збор за третата фаза од реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кој ќе се изврши на потег во должина од околу 1.200 метри од крстосницата со булеварот „8 Септември“ и улицата „Братфордска“ до улицата „Московска“ кај студентскиот дом „Гоце Делчев“.

– Изминативе четири години на територијата на општина Карпош реализиравме голем број проекти, проекти како реконструкцијата и проширувањето на булеварот Илинден, реконструкцијата и проширувањето на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, реконструкцијата и проширувањето на улица МАНАПО, реконструкцијата на улицата Козле, изградбата на мостот на реката Серава, изградбата на новиот парк „Македонија“ и многу други. Овие дела доволно говорат за нашата ангажираност и посветеност за подобрувањето на животот на жителите на Карпош – изјави Трајановски.

Со проширувањето на „Митрополит Теодосиј Гологанов“ на овој потег ќе се добие модерно сообраќајно решение со четири сообраќајни ленти, нови тротоари, улично осветлување и коридор за гасовод, а проценетата вредност за реализација на овој проект изнесува 60 милиони денари.

Претходно, Град Скопје во две фази го прошири и реконструира булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ на потег од крстосницата со улицата „Костурски херои“ и улицата „Кирил и Методиј“ до крстосницата со булеварот „8 Септември“ и улицата „Братфордска“, во должина од преку 2.700 метри. Дополнително, на крстосницата со улицата „Костурски херои“ и улицата „Кирил и Методиј“ (кај Католичката црква) беше изградена модерна турбокружна крстосница која значително го олесни одвивањето на сообраќајот во овод дел од градот.

Изминатиот период, покрај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, се изгради и паркот „Македонија“ на површина од 30.000 квадратни метри. Со продолжувањето на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ ќе биде продолжен и паркот „Македонија“, кој би требало да има површина од околу 70.000 квадратни метри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top