Манчестер сити со Барселона и Пари Сен-Жермен со Челси се дербијата од осминафиналето во Лигата на шампионите. Ждрепката што се одржа точно напладне сакаше меѓусебе да играат и финалистите од 1997 година Јувентус и Борусија Дортмунд, потоа и Шалке 04 со актуелниот првак Реал Мадрид, Баер Леверкузен со Атлетико Мадрид, Базел против Порто, Шахтар со Баерн Минхен и Арсенал против Монако.
Домаќини на првите мечеви од нокаут-фазата ќе бидат второпласираните тимови од фазата по групи. Првата рунда од оваа фаза ќе се игра на 17/18 и на 24/25 февруари, а реваншите се закажани за 10/11 и за 17/18 март.
Дербито на осминафиналето меѓу Манчестер сити и Барселона ќе биде реприза од ланското издание на ЛШ, и тоа во истата фаза, а шпанскиот состав беше подобар со две победи, од 2-0 на свој терен и 2-1 во Манчестер.
Пари Сен-Жермен и Челси ќе играат првпат меѓусебе, а и овој двомеч ќе биде во фокусот на вниманието поради силните состави што ги имаат двете екипи.
Двојки, нокаут-фаза: Пари Сен-Жермен – Челси, Манчестер сити – Барселона, Баер Леверкузен – Атлетико Мадрид, Јувентус – Борусија Дортмунд, Шалке 04 – Реал Мадрид, Шахтар – Баерн Минхен, Арсенал – Монако, Базел – Порто.
Финалето ќе се игра во Берлин на „Олимпискиот стадион“ на 6 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




