| четврток, 6 декември 2018 |

Србија скапо го плаќаше Косово

srbija-kosovo-znameНајавите на Приштина дека ќе бара воена отштета, како и материјални добра и српското културно наследство, не треба да бидат изненадување, вели социологот Слободан Вуковиќ.

– Се работи за континуитет на политиката од 1918 година до денес во која косовското прашање се употребува за уривање на Србија, политичко и економско, вели д-р Слободан Вуковиќ, автор на книгата „Српското општество и економија 1918-1992“, во која на лесен и разбирлив начин ја претставува економско-политичката драма на Србија во времето на двете Југославии.

Историски за тој процес е пресудно обединувањето во заедничка држава и комунизмот. Кога ќе ги исклучиме емоциите и ќе ги погледнеме бројките, Србија скапо на своја штета го плаќаше цивилизирањето и модернизацијата на зафрлените феудални османлиски провинции кои се ослободија во 1912 година.

На Косово по големата војна се уште владееле турските феудални односи, крајна заостанатост, без инфраструктура, училишта, здравствени институции и што било што значи европска цивилизација. – Сепак, Србија сето тоа макотрпно го градеше. Подигнат е огромен кредит за да се откупи земјата и да се подели на староседелците на сите нации кои биле во полуропски статус на чифчии на земјата на беговите и велепоседниците, како и на колонистите, вели д-р Вуковиќ.

Соговорникот за „Новости“ потсетува дека во СФР Југославија постоел Фонд за развој на неразвиените региони (подоцна републики БиХ, Македонија, Црна Гора и покраината Косово и Метохија), кој во најголем дел го полнеше Србија.

– Тоа не е се. Половина од своите нето акумулации, односно од она што годишно го заработуваше, Србија, исто така, мораше да го дава за Косово и Метохија. Прецизно, од вкупните средства кои ги добиваше Косово и Метохија, четири петтини потекнуваа од Србија. Тоа е правено без оглед на фактот дека многу нејзини општини, посебно на југот на централна Србија, биле под нивото на неразвиените републики и Косоово и Метохија. Покраината беше најскапа српска инвестиција. За еден динар заработка на Косово, беше потребно да се вложат два пати повеќе од кое било друго место во Југославија – наведе Вуковиќ.

Статистички, во државна сопственост на Република Србија на територијата на Косово и Метохија и денес се околу 24.500 хектари земјоделско, шумско и градежно земјиште. Државните згради имаат површина од 1,24 милиони квадратни метри, деловните 145.000, а станбените 25.000 квадрати. Објектите за посебна намена се простираат на 4.000, а градежните на 750.000 метри квадратни. Вредноста на овие објекти е огромна, а сепак е вистинска ситница во однос на електроенергетските и инфраструктурните објекти, кои ги изгради Србија и нејзините фирми.

– Во 80-тите години, освен задолжителното издвојување од стопанството, беше предвидено развиените републики и покраината Војводина секоја година на Косово да изградат по една фабрика, вели проф. Љубодраг Савиќ од Економскиот факултет во Белград. – Фирмите од Србија имаат на Косово 1.358 објекти, при што само на ПТТ припаѓаат 130, на ЖТП 55, ЕПС 18, а 45 на Србијашуми. Тој имот се проценува на најмалку една милијарда долари. Тој потсетува дека и над 55.000 хектари земја на Косово и Метохија е во таписка сопственост на Срби. Од Косово и Метохија по 1999 година избегаа над 30.000 српски семејства, а вредноста на имотот кој го оставија е најмалку 4 милијарди долари, вели проф. др. Савиќ.

Србија по основ на имот на своите граѓани и фирми, средствата уплатени на поранешниот Фонд за кредитирање на побрз развој на недоволно развиените и косовскиот надворешен долг, мора да побарува најмалку 11,6 милијарди долари. Колкави се тие побарувања, покажува податокот дека косовскиот БДП се оценува на 2,5 милијарди долари.

Тој потенцира дека УНМИК со години преку Косовската доверителна агенција (КПА) го распродавал српскиот имот, без никакво знаење и учество на самите сопственици.

– Спротивно на европските стандарди за приватизација, КПА основа нови фирми, на кои го пренесува имотот, додека обврските остануваа на претходните сопственици. Имотот на тие ново основани фирми се продава во добра состојба, без прецизно утврдување на вредноста и на сопствениците. Приходите од приватизацијата одат во косовскиот буџет. Само мал број на работници на приватизирани фирми, кои ќе ги одбере Косовската доверителна агенција, стекнуваат право да учествуваат во распределбата на 20 отсто од остварениот приватизациски приход. Со согласност на меѓународната заедница КПА незаконски го распродава српскиот имот.

Според проценките на Кабинетот за Косово и Метохија, за 545 општествени компании кои се приватизирани до 31 март 2010 година, во приштинскиот приватизациски фонд до тој датум се собрани над 460 милиони евра.

– Очигледно е дека Западот, на кој приватната сопственост му е светост, во случајот со Србија покажува двојни стандарди. Сепак, тоа не смее да ја поколеба нашата Влада од 1999 година да направи прецизен список на српскиот имот и државно тело чија задача би била упорно да се бори за тој имот, смета проф. др. Савиќ.

Кушнер ја зазема Трепча

Вредноста на објектот на „Електростопанство на Србија“ (ЕПС), ископините, електраната и дистрибутивната мрежа на територијата на Косово и Метохија се проценуваат на над три милијарди долари. Тој имот го узурпираше „Косовската енергетска корпорација“ (КЕК), поради што ЕПС губи 168.000.000 евра приходи годишно.

Нелегитимното Телекомуникациско регулаторно тело на УНМИК – ТРА во 2006 година противзаконски ги исклучи и уништи базните станици и друга телекомуникациска опрема на „Телеком Србија“. По пресметката од 2013 година, штетата која поради тоа ја претрпе „Телеком Србија“ изнесува околу 1,4 милијарди долари.

– На „Железници на Србија“ и се узурпирани објекти вредни неколку стотици милиони евра. Приштина продаде 75 отсто акции од „Пошта и Телеком на Косово“ (ПТК), кој има над 1,2 милиони корисници, за 277 милиони евра. Купувач е конзорциумот на германскиот „Аксос капитал“ и британскиот „Наџафи компанис“, чие седиште е во САД во градот Феникс.

Рударско-хемиско-металуршкиот комбинат „Трепча“ е пример како се крадеа српските компании на Косово и Метохија. Бернар Кушнер, тогашен шеф на УНМИК на 14 август 2000 година испрати неколку илјади војници од КФОР да го заземат просторот на комбинатот и топилницата во Звечан, а комбинатот го регистрираше како нов стопански субјект. УНМИК во 2002 година управувањето со „Трепча“ го делегираше на Косовската доверителна агенција, која стопанисува со приходите од рудникот до 2006 година.

Косовската агенција за приватизација во 2009 година го пререгистрираше комбинатот на нова адреса во јужна Митровица. Во Србија Холдингот Рударско-металуршкиот-хемиски комбинат „Трепча а.д. Звечан“ во реформата е регистриран кај Агенцијата за стопански регистри дури на 25 јули 2012 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top