| четврток, 6 декември 2018 |

„Дом, за да не ни тежат облаците“: Дебата, награди и изложба-промоција на нов број на „Лице в лице“

Дом. Право или привилегија? Сигурност или неизвесност? Трошна куќа или стабилно огниште? Овие прашања, но и многу други, ќе ги поставиме и ќе се обидеме заеднички да ги одговориме на настанот насловен „Дом, за да не ни тежат облаците“[1], кој ќе се одржи утре, (11 декември) на Архитектонскиот факултет во Скопје, а во чии рамки ќе биде промовиран новиот, 13. број на уличното списание „Лице в лице“, велат оттаму.

Настанот е расчленет на повеќе делови. Почнува со трибина со наслов „Домувањето е право“ која е закажана за 18 часот и која ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет, а која е организина во соработка со „Хабитат Македонија“. Своите ставови ќе ги споделат проф. д-р Митко Хаџи Пуља од Архитектонскиот факултет, проф. д-р Весна Димитриевска од Катедрата за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје, Марина Матеска, координаторка во Одделот за социјално-хуманитарна дејност при Црвениот крст на Град Скопје. Модератор е Лилјана Алчева, заменик директор на „Хабитат Македонија“.

Од 19.30 ќе се промовира новиот број на „Лице в лице“ и ќе се доделуваат наградите за најуспешните учесници на конкурсот „Мојот дом“ и пофалници, како и награди кои ги обезбедија „Просветно дело“ и „Свислион“.

Најуспешните продавачи на „Лице в лице“ за изминатиов период, исто така, ќе добијат награди и ќе бидат дополнително мотивирани со наградите кои Платформата за активизам ги обезбеди во соработка со „Хабитат Македонија“.

Изложбата на студентите од прва година на Архитектоснкиот факултет, насловена „Моментни живеалишта“ ќе биде отворена од 20 часот, кога ќе следи и дружење со гостите.

-Новиот број на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“ се фокусира на темата на домувањето како едно од човековите права. Затоа, објавуваме анализа за проблемите со домувањето кај нас, а благодарение на членството во Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), го објавуваме и текстот на Били Бригс насловен „Домување, па сè друго како решение за бездомништво“ кој ги разгледува прашањата за овој проблем низ светот. Пишувавме и за крушевските херојки кои ја движат социјалната економија во овој град, пишуваме за концептите на одржливото образование, за лошиот третман на дислексијата. Преку приказната на малата Марија, ја подигаме свесноста за аутизмот, со „Сенки и облаци“ ја раскажуваме прказната за едукацијата и театарот, велат од „Лице в лице“.

Објавуваат и контроверзно интервју со основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, како и интервју со шкотскиот актер Јуан Мекгрегор. Холанѓанецот Ралф ван дер Зејден, директор на „Ај бајк Белгрејд“ пишува за можностите Скопје да стане вистински велоград. Текстовите од редовните соработници, пак, ги допираат темите за   општествената одговорност – како суштински дел од деловната стратегија, содржини со појаснувања за техниките на правење компост, теми за самоменаџирањето како начин за соочување на стресот, и многу други. Во редовната рубрика „Министерство за храна“ пишуваат и за органската храна, а во овој број се објавени и поттикнувачки акции на граѓаните кои ги поддржаа продавачите на „Лице в лице“.

На насловната страница е познатата млада актерка Ана Стојановска, која ја раскажува својата приказна за домот и за авантурата во која влегуваме кога го напуштаме.

Тројца наши уметници, Ване Костуранов, Зоран Инадески и Иван Петрушевски – Флим се вклучија во поддршката на „Лице в лице“ со дел од нивни слики и илустрации, кои публиката и читателите на уличното списание ќе можат да ги купат за време на новогодишните празници.

Во овој предпразничен период, „Лице в лице“, покрај редовната, добива и засилена поддршка од Град Скопје, со чија помош е обезбеден штанд кој е позициониран во Градскиот трговски центар секој ден, на кој може да се набават честитките, но и актуелниот број на уличниот магазин.

„Лице в лице“ е улично списание, единствен модел во земјава кој го промовира и социјалното претрпиемаштво како алатка за излез од сиромаштијата и социјалната исклученост. Половина од продажната цена на списанието (кое чини 100 денари) е директна поддршка за продавачот. Списанието почна да се продава во Скопје во 2012 година, а продолжи во Неготино, Струга, Битола, Охрид. Дел е од Платфромата за активизам, која во земјава ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје, кој е и издавач на уличното списание.

Насловот на настанот „Дом, за да не ни тежат облаците“ е инспириран од расказот „Домот, покривот и перницата“ на писателот Иван Шопов, кој самиот автор го напиша за настанот „Лица на улица“, кога на заеднички настан ја подигнувавме јавната свест за проблемите со бездомништвото, поврзана со седмиот број на „Лице в лице“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top