Веќе е извесно дека изборното мастило за обележување на десниот палец на гласачот веќе нема да се употребува.Уставните судии ја прифатија иницијативата за оваа одредба од изборниот законик и првите оценки се дека таа крши неколку члена од уставот, јавува телевизија Алфа.
Уставните судии сметаат дека има основа да се преиспита овој член од изборниот законик затоа што е во судир со повеќе одредби од уставот. Според судијката која го води овој предмет, Вангелина Маркудова, видливото мастило дава увид на секого дали некој друг излегол на тие избори или не и ги крши членовите 9,11,16,22 и 25 од уставот, односно правото на тајност на гласањето, правото на слободно изразување на мисла и уверување и достоинството на човекот.
Судијката Гзиме Старова смета дека обележувањето со видливо изборно мастило е нарушување на човековото достоинство и само по таа основа го крши уставот, но дека не задира во тајноста на гласањето, бидејќи гласањето се одвива зад гласачкиот параван, а дали некој гласал смета дека не ни може да биде целосно тајно, бидејќи на гласачкото место има десетина присутни по различни основи кои утврдуваат дали некој гласал или не.
Судијата Стојановски сепак посочи дека треба да се прави разлика меѓу увид кој го имаат службени лица и граѓани надвор од избирачкото место.
Судијата Јован Јосифовски оцени и дека нема никаква потреба воопшто да постои таква метода во Македонија, што го докажале последните избори на кои како што наведе, немало никакви злоупотреби и биле организирани по сите закони.
Од информациите кои ги приложија судиите беше видливо дека мастило за обележување на гласачите се употребува во неразвиени земји со слаба демократија каде има проблем со веродостојноста и стандардизираноста на документите за лична идентификација и се користи како начин за спречување двојно гласање.
Иницијатор на идејата за укинување на овој член од изборниот законик е професорката по уставно право Тања Каракамишева, а иницијативата е поддржана од професорите Саво Климовски, Владо Камбовски, Гордана Силјановска и од група граѓани. Обележувањето со видливо мастило беше воведено со последните измени на изборниот законик, а на барање на СДСМ, од каде сметаа дека дотогашната употреба на невидлив спреј кој можеше да се идентификува само со специјална ламба не дава доволна гаранција дека ќе спречи двојни гласања. Првпат мастилото беше употребено на претседателските и парламентарните избори во април годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.