Европскиот совет по шести пат едноподруго ќе ја одбие препораката на Европската комисија за почеток на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според последните предлог-заклучоци на Советот на Унијата во рамки на КОРЕПЕР-групата на амбасадори на
земјите-членки на ЕУ во Брисел, а до кои ексклузивно дојде МИА, поради блокадата на Грција, Македонија добива речиси идентичен заклучок како и на минатиот декемвриски Самит, а тоа е дека „Советот ќе се врати на препораката во 2015 година, а по ажурирање од страна на ЕК”.
Во клучниот предлог-заклучок на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), кој е компромисен поради блокадата на Грција и се очекува доцна вечерва да биде потврден на КОРЕПЕР, Советот ја дели оценката на Европската комисија дека политичките критериуми продолжуваат да бидат доволно исполнети и ја зема предвид препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со Република Македонија.
Во насока на евентуалната одлука на Европскиот совет да ги отвори преговорите за пристапување на Република Македонија, Советот ќе се врати на ова прашање во 2015 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за спроведување на реформите, вклучувајќи го во контекст и Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), како и видливите преземени чекори за промовирање на добрососедските односи и за постигнување на компромисно и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, гласи клучниот предлог-заклучок, доставен од страна на ЕЕАС, кој министрите за надворешни работи на ЕУ земјите во вторник идната недела би го усвоиле на Советот за општи работи (ГАК), а на Самитот на ЕС на 19-ти декември само би бил констатиран.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.