10 декември 2014
„Независне новине“ – Бања Лука
Околу 2,5 милијарди евра се изгубени од планираната добивка, стотици работни места кои биле планирани и стабилната гасна иднина исто така. Веќе инвестираните 30 милиони евра се капка во море, ситница. Сето тоа Србија го изгуби во моментот кога претседателот на Русија, Владимир Путин во Турција објави дека Русија нема да го гради гасоводот „Јужен поток“.
Вистина, попрецизно е да се каже дека Србија тоа нема да го има, бидејќи 2,5 милијарди евра беа планирана добивка кога ќе се исполнат сите ставки на Енергетскиот договор меѓу Белград и Москва. Слична математика важи и за Република Српска, а најверојатно е дека сите земји учеснички во проектот ќе ги заболе глава кога ќе пресметаат, што би било, кога би било.
Дека нешто не е во ред одамна беше јасно, војната во Украина и за Украина работите ги покажа на виделина. Министерот за енергетика на Србија Александар Антиќ дури вели дека нешто слично Путин изјавил при октомвриската посета на Белград, но надежта била подлабока од се, да го парафразираме Добрица Ќосиќ, па таа најава не стигна до јавноста.
На секој кој ги собира два и два како четири, му се запалила сијаличката уште летото кога Бугарија објави прекин на работите на „Јужен поток“. На тој ноторен факт потсети и самиот Путин, фрлајќи ја вината на Софија и ЕУ, но внимателно заобиколувајќи ги Берлин и Париз, што буди надежи дека крајот и не е крај.
Дополнително просветлување донесе неодамнешниот гасен договор меѓу Русија и Кина, а веројатно во следните недели појасно ќе се видат и турските интереси. Дали „Јужен поток“ навистина ќе стане јужен, подморски за чија изградба во Анкара веќе е потпишан протокол или во прашање е некоја друга голема игра на бројки? И, следствено на логиката на парите и моќта, здружувањето?
Како и да било, фактите се тие, Русија има гас и сака што подобро да го продаде, зацврстувајќи ја притоа својата позиција на голема сила. Со Крим уште повеќе од порано, не само поради територијата, туку повеќе поради начинот, упорноста, па и безобѕирноста со која Крим беше земен. За несреќа тоа е легитимно во меѓународните односи и право, кое има камелеонска моќ за модифицирање кога треба, каде што треба и како што треба. Украина тоа го чувствува, стеснета меѓу моќниот Исток и моќниот Запад, исто како што тоа го искуси поранешна Југославија. Кога царевите си играат војна, како што пее Ѓорѓе Балашевиќ, пушките, вошките и рововите преполни со кал се резервирани за малите и бедните.
Од друга страна, според истите теркови на тоа превртливо меѓународно право, тешко може да се оспори легитимноста на интересите на членките на Европската унија, пред се на Германија и Франција, на нив им треба гас, имаат пари, но имаат и правила, економски и политички. Дали тоа на некого му се допаѓало или не, тие сакаат Русија да не стане преголема сила. И како што Путин не бира средства да се наметне, така не бираат ни тие.
Е, сега, дали парите наменети за „Јужен поток“, ако Путиновото „њет“ биде конечно, ќе бидат доволни да се надомести енергетскиот недостиг кој е се поизвесен со укинувањето на рускиот гас за Европа, не е прашање за нас. Србија, па и целиот регион, имаат поважни работи од размислувањето дали граѓаните на Западот ќе имаат неколку степени Целзиусови помалку во своите домови и како затворањето на славината на рускиот гас ќе се одрази на стопанствата на Запад.
За нас е најважно прашањето како врз нас ќе се одрази уште една прераспределба на светската моќ и конечно, што значат тие 2,5 милијарди евра што ќе недостигаат и дали барем во дел ќе можат да се достигнат? Прашање за Нострадамус, посебно затоа што се уште се е под дебела политичка магла, која, што да не, може да се развее на ист начин на кој и падна. Без вмешување на Балканот.
Сепак, има сигнали дека не е се така црно, а резултатот ќе зависи од политичката и преговарачката умешност. Наведениот Енергетски договор, со кој да потсетиме, Србија на Русија и ја отстапи „Нафтената индустрија“ (НИС) и нафтени полиња и гасни резерви за смешни пари, ја предвидува и изградбата на „Јужен поток“.
Шокирани од веста од Анкара, Владините претставници жешкиот компир за одговорноста го префрлуваат во дворот на тогашните лидери на државата Борис Тадиќ и Војислав Коштуница; наводно, договорот нема заштитни клаузули во смисла што ќе се случи ако некоја од ставките не се исполни. На пример, ако се прекине изградбата на „Јужен поток“. Потпретседателката на Владата Зорана Михајловиќ, несомнено најголем познавач на енергетските (не)прилики меѓу сите наши политичари, ја потенцира и кривичната одговорност на Тадиќ. Што како политички потег е легитимно, но ништо повеќе од маневар и купување на време. Тадиќ и Коштуница имаа поддршка од Парламентот кој го верификуваше договорот.
А рака на срце и во време на склучувањето на договорот имаше многу дилеми и отпор, најгласни беа Либерално-демократската партија на Чедомир Јовановиќ и Г17 плус на Млаѓан Динкиќ, но ниеден глас против не доаѓаше од тогашната Српска радикална партија, денес во најголем дел преточена во владејачката Српска напредна партија. Радикалите и старите и напредните, едноставно ја сакаат Русија, дури и на сопствена штета, па е многу веројатно дека политичкиот балон за наводната кривична одговорност ќе спласне со иста брзина со кој се дува.
Уште повеќе што во евентуалното преиспитување не може да се заобиколи прашањето што ќе беше со НИС да не се продадеше? Русите добро поминаа, дури повеќе од добро, аквизицијата брзо им се исплатеше, но не треба да се заборави дека Србија се ослободи од една вреќа без дно. Тоа што без помош на рускиот менаџмент не знаеше да раководи со НИС и не само со НИС, е друго прашање, а можеби и многу важно, но не и пресудно за оваа приказна. Како што не е ни тезата „НИС за Косово“, односно руската политичка поддршка за целосна Србија, која да признаеме или не, ја форсираа сите политичари, со исклучок на ЛДП.
Значи, да се вратиме на фактите и на прашањето, што може Србија? Упатените експерти како прва контрамерка, ако да повториме она „њет“ остане во сила, наведуваат зголемување на рудната рента на Русија, односно на НИС. За тоа долго се зборува, а според информациите кои се појавуваат од влијателни политички кабинети, на госпоѓа Михајловиќ во овој мандат и избега енергетиката токму поради инсистирањето на чисти сметки со Русите, пред се околу рудната рента. Изгледа дека стигна времето за порамнување на сметките. Уфрлувањето на НИС во законските 7 наместо со договорот постигнатите 3 отсто, би го зголемило приходот на буџетот по овој основ. Нема да можат да се намножат 2,5 милијарди евра, но ни 10 милиони годишно не се за фрлање, уште повеќе што дел од рудната рента оди на локалните самоуправи и на Војводина, чии буџети се многу истенчени.
Рудната рента, се разбира е врв на замрзнатиот брег на односите во триаголникот Србија-Русија-ЕУ, но од нешто мора да се почне. Правото на Русија и земјите на ЕУ е со своето природно и друго богатство да располагаат на начин кој го сметаат за најдобар и да припаѓаат подеднакво и на другите на оваа Земјина топка.
Договорите не можат да се кршат еднострано, без последици по двете договорени страни, во овој случај Србија и Русија. Тоа што размрсувањето на енергетско-економските односи ќе одведе директно на политички терен не е новост, бидејќи енергентите одамна се примарно политичко оружје. Што Путин добро го знае.
Мразот кој наидува е само помош во нагласувањето на тие факти
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.