| четврток, 6 декември 2018 |

ИВЗ в петок ќе го блокира Скопје поради Бурмали-џамија

burmali-dzamija-00

Верниците на Исламската верска заедница в петок, веднаш по пладневната молитва, ќе го парализираат главниот град доколку не биде постигнато политичко решение за Бурмали-џамијата, изјави за „Република“ Ибрахим Шабани, скопски муфтија.

– Гарантирам дека нема да има насилство на протестот. Сè уште има надеж дека ќе се најде политичко решение до петок. Но, ако не се најде, ние ќе ги повикаме сите верници, од сите скопски џамии, веднаш по молитвата да излезат и да протестираат – рече Шабани.

Тој се огради од каква било инволвираност на ИВЗ и на оџите од Јаја-пашината џамија во минатонеделните насилни протести, кои почнуваа по молитвата во џамијата.

– Тие млади луѓе се собираат во ТЦ „Чаирчанка“, а не во Јаја-паша. Молитвата нема врска со тие млади луѓе. ИВЗ, напротив, дејствува позитивно за да нема насилство – вели Шабани.

Просторот на скопскиот плоштад каде што порано била Бурмали-џамијата ќе го браниме со протести и со сите други расположливи средства, изјавија уште пред една недела од Координативниот совет за возобновување на Бурмали-џамијата.

– Постојаното игнорирање на нашите повеќегодишни барања до Владата за враќање на вакафот и за дозвола за обнова на Бурмали-џамијата на местото каде што постоела неколку векови, овие денови, за жал, го достигна највисокиот степен на институционална дрскост дозволувајќи почеток на градежните работи за хотелот. Ова непромислено дело претставува тешка провокација за верските чувства на муслиманите и удар на и онака кревките меѓуетнички и меѓуверски односи. Затоа бараме Владата, Град Скопје и Општина Центар веднаш да ги стопираат почнатите градежни работи на оваа вакафска сопственост и да ни издадат дозвола за обнова на овој битен верски објект. Бараме и од албанскиот политички субјект во Владата поодлучно да се ангажира во правец на праведно решавање на ова прашање – вели Јасмин Реџепи од Координативниот совет за возобновување на Бурмали-џамијата.

Од овој совет потсетуваа дека партијата ДУИ, која е дел од Владата, во својата програма го има возобновувањето на Бурмали-џамија, и очекуваат од таму да добијат поддршка за запирање на градежните работи на ова место.

Местото каде што порано се наоѓала Бурмали-џамијата сега е оградено и  се подготвува за изгрдаба на  хотел, како и возобновување на поранешниот Офицерски дом. Двата објекта ќе ги гради грчкиот милијардер Димитрис Кондоминас. Дел од Офицерскиот дом без надоместок ќе го добие градската власт и тој  ќе се употребува како резиденција на скопскиот градоначалник, а во него ќе се смести и матичната служба. Кондоминас во март 2011 година го купи ова земјиштето од државата за околу 620 илјади евра. По купувањето на локацијата, инвеститорот вети дека ќе вложи меѓу 30 и 50 милиони евра во двата објекти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top