Големите ривалства се магнет за публиката, носат дополнителна возбуда и имаат специфичен спортски шарм. Дел од мечевите или директните индивидуални дуели се уште ја имаат истата магична моќ со години, па и децении, но има и такви што во моментов почиваат повеќе на историјата, отколку што реално се атрактивни. Еве го нашиот топ-3 на дуели на вечни ривали што го немаат истиот сјај од порано.
Лос Анџелес лејкерс – Бостон селтикс (НБА)
Двете екипи се најтрофејни во НБА лигата и комбинирано имаат 33 титули во најсилната кошаркарска лига на светот. Времињата кога Ред Оербах ги предводеше Келтите од Бостон против тимот од Ел-еј со страшни ѕвезди од калибарот на Вилт Чембрлен се одамна минати. Исто како и историското ривалство на Лери Бирд од Бостон со Меџик Џонсон од Лејкерс во осумдесетите години од минатиот век. Сега и двете екипи таворат на дното во своите конференции со многу помалку победи од порази.
Роџер Федерер – Рафаел Надал (тенис)
Нивниот ривалитет му донесе огромен бенефит на светскиот тенис, но и двете големи ѕвезди полека се движат кон пензија. Надал пречесто паузира поради повреда на колената, а Федерер веќе е во зенитот со 33 години. Патем тука е и Новак Ѓоковиќ, кој игра извонредно и го засени ривалитетот на шпанската сензација и швајцарскиот Федекспрес. Нивните мечеви беа вистински блокбастери, се уште двајцата тенисери се најтрофејни според бројот на гранслем титули, но ривалитетот слабее и не е толку атрактивен.
Флојд Мејведер – Ману Пакјао (бокс)
Интересно е што двајцата врвни боксери воопшто не ги одмериле силите меѓусебе, а создадоа огромно ривалство и публицитет. Најавите за боксерски спектакл вреден стотици милиони долари меѓу нив двајцата ги замори боскерските фанатици. Последните неколку години минаа во постојани препукувања меѓу Убавецот од САД (Мејведер е познат како Pretty boy) и популарниот Пекмен како што го нарекуваат филипинскиот боксер Пакјао. Ако светот беше во исчекување на нивниот дуел, сега би било вистинска сензација, ако Мејведер и Ману воопшто се најдат во рингот еден спроти друг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





