Екипата на РК Вардар попладнево во 17 часот го игра натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите против Чеховски Медведи на теренот на противникот.
Овој натпревар е од голема важност за црвено-црните бидејќи со победа ќе се одлепат на три бода од директниот конкурент за второто место германскиот преставник Рајн Некар кој игра тежок натпревар пред своите гледачи против лидерот во групата и сеуште непоразената екипа на Веспрем.
Повредите не го заобиколија Вардар и пред овој натпревар. По тешката повреда на Блаженко Лацковиќ кој ќе отсуствува подолг период, на последниот тренинг и македонскиот репрезентативец и капитен на Вардар Филип Лазаров го повреди мускулот и нема да му биде на располагање на тренерот Раул Гонзалес.
Шпанецот ќе мора да се потпре на единствениот лев бек во екипата Гробок кој покажа дека одличен играч во нападот.
Растворцев сеуште не заиграл на она препознатливо ниво кое се очекува од него по повредата минатата година.
Раул Гонзалес ќе мора да комбинира со Немања Прибак во нападот или евентуално со Илија Абутовиќ. Во тимот по пауза од два натпревара се враќа Стојанче Стоилов кој ја залечи повредата.
Од порано се знае дека тимот на Чеховски Медведи игра офанзивен ракомет со многу голови. Тоа го покажа и против Монпелје во двата дуела, како и на натпреварот во Скопје на кој постигна 28 гола, а сепак загуби со 11 разлика.
Натпреварот се игра во 17 часот, два саата порано од дербито во оваа група меѓу Рајн Некар и Веспрем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




