Правната мисија на ЕУ во Косово (ЕУЛЕКС), која стана цел поради, наводно, прикривање моќни локални политичари, повторно ја отвори истрагата на осуден платен убиец и високи функционери во владејачката партија.
Таквата одлука беше донесена токму пред ЕУ да испрати правен стручњак да ги „прочешла“ операциите на мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС – која е во криза по неодамнешните обвинувања на Британката Марија Бамије, која обелодени дека мисијата прикривала докази за корупција. Истрагата почнува пет години откако убиецот што го призна делото, Назим Блаца, изјави на видеоснимка дека учествувал во многу убиства на политички противници како дел од група платени убијци, која работела за разузнавачката служба на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК).
Новата истрага на „матната“ шпионска група, позната како ШИК (Информативна служба на Косово), би можела да биде срамна и за западните разузнавачки агенции, посебно за ЦИА и за францускиот ДГСЕ (Генерален директорат за надворешна безбедност), кои ги поддржуваат премиерот Хашим Тачи, ПДК и ШИК уште од војната во Косово во 1998 година. Во тој период, Американците и Французите застанаа зад Тачи сметајќи го за најефективен командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која се бореше против српската војска и која спроведуваше брутално контравостание и „кампања за етничко чистење“. Некои истражители од Косово и од ЕУЛЕКС веруваат дека таквите разузнавачки врски за време на војната помогнале во зачувувањето на власта на ПДК и во зауздувањето на корупцијата и на организираниот криминал во земјата по независноста на Косово во 2008 година. Во признанието снимено на видео во ноември 2009 година, Блаца вели дека работел за Азем Сила, поранешен министер за одбрана и некои други партиски моќници. Според косовскиот дневен весник „Коха диторе“, кој прв ги објави фактите на Британката Марија Бамије и вестите за истрагата на Сила, семејството на Блаца пред три недели е преселено во странство заради негова заштита. И „Гардијан“ го потврди почнувањето на истрагата врз Сила потпирајќи се на извор од ЕУЛЕКС во Косово. Сила и Тачи постојано ги отфрлаат обвинувањата дека биле вмешани во корупција или политички убиства. Сила за „Коха диторе“ изјави:„Кредибилитетот на таквите обвинувања е неоснован и тенденциозен.“ Во 2012 година, Сила беше протеран од Швајцарија. Една од причините беше злоупотреба на социјалното осигурување со што се здобил со 350.000 евра врз основа на инвалидска пензија додека работел како политичар на Косово.
Почнувањето нова истрага, која ќе биде спроведена од истражители од Косово и од ЕУЛЕКС, ќе поттикне прашања зошто истрагата не почнала пред пет години.
Во видеото од 2009 година, Блаца кажа дека работел за ШИК, група обвинета за убиства на „соработници“ и на функционери на ЛДК, како и на можни сведоци против команданти на ОВК во воените злосторства. Рече дека во периодот меѓу 1999 година и 2003 година бил дел од вкупно 17 кривични дела, меѓу кои убиства, обиди за убиства, закани и уцени, а тврди дека работел за Сила. Неговото бомбастично сведоштво беше закана за ПДК и можеше да значи нејзино уништување, потврдувајќи ги сомнежите дека ШИК, иако, наводно, била расформирана, сепак останала моќна сила според оцените на јавниот живот во Косово.
Според Андреја Капусела, поранешен челник на економскиот оддел при Меѓународната цивилна канцеларија, мултилатерален надзорен орган во Косово, ШИК е „главен инструмент на елитата за политички криминал и нивна голема фирма со годишен профит од 200 милиони американски долари“.
Признанието на Блаца беше голем срам за ЕУЛЕКС бидејќи се покажа дека со месеци се обидувал да го достави признанието до висок европски обвинител при мисијата, но не успеал. Понатаму, на ЕУЛЕКС ѝ требаа дури четири дена од јавното признание на Блаца за да го уапси и да го стави во притвор со засилени заштитни безбедносни мерки. Бамије, Британката што ја обелодени аферата што тлеела во срцевината на сегашната мисија ЕУЛЕКС, за „Гардијан“ изјави дека била спречена од обвинител, кој ѝ бил претпоставен, да го испрашува Блаца за неговите сознанија за лидерите на ПДК и за нивната вмешаност во сомнителни зделки поврзани со приватизација, велејќи ѝ дека Блаца не е веродостоен сведок.
Новата страна на истрагата за убиства извршени од ШИК може да биде непријатна и за западни разузнавачки агенции, кои помогнале во основањето на групата за време на косовската војна, во кој НАТО застана на страна на ОВК и помогна во протерувањето на српските сили од поранешната југословенска покраина, трасирајќи го патот за прогласување независност на Косово во 2008 година.
Кадри Весели, одговорен на ШИК и близок соработник на Тачи, во 2011 година за американскиот портал „Глобал пост“ изјави: „Имавме многу партнери – 25 разузнавачки служби… САД многу ни помогнаа“. Освен од ЦИА, ШИК била потпомогната и од француската разузнавачка служба за надворешна безбедност – ДГСЕ. Франција, како и другите западни сојузници, обезбеди воени обуки за ОВК. Британските воени разузнавачки дејства дури откриваат и дека за време на војната во Косово офицери на ДГСЕ, кои се бореле рамо до рамо со припадници на ОВК, биле убиени во заседа од српските сили. Според истражители што ги следеле активностите на ШИК, пролетта 1999 година група од дваесетина активисти на ШИК со брод се пренесени од албанското пристаниште во Драч во Франција. Биле облечени во темносини кошули за да личат на француските војници. По пристигнувањето во Франција, им била обезбедена обука за ракување со специјално оружје, како дел од курс за телохранители. Меѓутоа, според истражителите, дел од регрутите на ШИК обучени во Франција подоцна стануваат членови на единицата за убиства. Врската на ШИК со Франција станува уште поцврста кога француските сили ја преземаат контролата врз северно Косово по интервенцијата на НАТО во 1999 година, каде што е опфатена и областа Дреница – дом на семејството на Тачи и на неговите блиски. Поранешниот прв човек на ДГСЕ, Гзавие Бу де Марнак, беше шеф на мисијата ЕУЛЕКС од 2010 година до 2012 година. Косовски истражител ја објави својата процена дека единицата за платени убиства е одговорна за околу 30 убиства и дека поврзаноста со Франција била олеснителен аргумент за ЕУЛЕКС да не поведува истраги за косовските политички лидери.
– Тие убијци сами по себе немаат никаква важност, но се поврзани со заштитени лица. Луѓе од разни земји се емотивно поврзани со војната – вели истражителот.
– Вистина е дека кон крајот на 1999 година, француските контакти беа блиски со ПДК и со ШИК бидејќи француските сили беа распоредени во областите каде што оваа група беше најсилна. Но, „соработката“ никогаш не беше толку голема колку што одредени личности сега ја претставуваат. САД направија многу повеќе! Точно е дека Франција обучи одредени луѓе, но сето тоа беше во рамките на создавање на Косовскиот заштитен корпус – изјави поранешен француски функционер, кој служел во Косово.
Западните агенции потпомагале функционери на Централната разузнавачка единица (ЦУИ) на УНМИК, мисија на ОН што беше присутна во Косово во периодот меѓу војната и осамостојувањето. По низа апсења на осомничени што биле поврзувани со ШИК во 2004 година, ЦИУ инсистираше да се воведе посебен систем, според кој косовската полиција мораше да издаде претходно известување за истрагите и за преведувањата. Тоа, според истражителот, било со цел да ги заштити агентите и сојузниците за време на војната. Во 2008 година, базата со податоци на ЦИУ требаше да ѝ биде предадена на мисијата ЕУЛЕКС, но беше уништена во необјаснив пожар додека беше архивирана во базата на НАТО во Приштина.
Извор | „Гардијан“
Превод | Марија Манасиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации