Во Драмскиот театар во Скопје, вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Човекот кој го изеде светот“ по текст на германскиот автор Нис- Моме Штокман, а во режија на младата и талентирана Билјана Радиноска.
Главната улога, безимениот лик ХХХХ, го игра Игор Стојчевски, а актерската екипа уште ја сочинуваат и Диме Илиев, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Димитрија Доксевски и студентот на ФДУ, Стефан Вујисиќ. Сценограф на претставата е Мика Черепналковска, костимографијата е на Ивана Кнез.
Режисерката, на која ова ѝ е прва претстава во професионален театар по неколку постановки во независни театри, го избрала текстот зашто отвора теми за денешни проблеми за кои, како што рече, треба да се разговара и да бидат поставени на сцена.
– Претставата ни дава да ѕирнеме во едно семејно секојдневие или, пак, во сите животи одделно. Ја раскажува приказната за нездравиот однос меѓу родител и дете, еден пропаднат брак, едно изневерено пријателство, едно бавно индивидуално пропаѓање, болно во својата бавност… Приказна за изневерени очекувања, за неносење со одговорности, за стравот од соочување со себе и со стореното – вели Радиноска за текстот.
На прашањето зошто главниот лик нема име, режисерката појасни дека авторот така го претставил во текстот и дека може да се толкува како знак на цензура.
– Мислам дека тоа е негова индикација поради две толкувања на самиот наслов на драмата. Едното би можело да се толкува дека капитализмот е нешто што го има него изедено и дека тој станува знак на цензура, како на телевизија кога се покриваат несакани ефекти – вели Радиноска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.