Маж во Злетово ги уби родителите на својата сопруга и чичкото на љубовникот на сопругата. Биле во процедура на развод… Љубомората пресуди, а си пресуди и самиот на себе. Во Кавадарци маж ги уби родителите и сестрата на својата сопруга со која биле во процедура на развод. Во Ново Лисиче маж ја застрела својата девојка, па се самоуби. Во Аеродром маж ја застрела својата девојка и нејзината сестра. Во двата случаи причина е желбата на понежната страна да стави крај на љубовната врска…
И сето тоа е само дел од насилството што се случуваше годинава. Семејното насилство, и покрај многуте кампањи како превенција, зема сè поголем замав и голем број жртви. Во периодов е во пораст насилството. Во скопско Ново Лисиче се прободени две момчиња во обид да му помогнат на лице кое лежело на земја. Нивната хуманост ги чинеше скапо. Се боделе со нож деца во Лептокарија… Што нè прави насилни?
Ресоцијализацијата како превентивна мерка
Во првите два случаи се работи за лица што биле дел од безбедносните служби – едниот од полицијата, а другиот од војската. И во двата случаи биле регистрирани пријави за семејно насилство. Во злетовскиот случај сопругата ја повлекла пријавата. Зошто го направила тоа, знае само таа.
Социологот Татјана Стојановска-Иванова смета дека сѐ е последица на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и на учеството во војните во Ирак и во Авганистан. Таа смета дека лицата по враќањето од воените жаришта не добиваат соодветен третман за ресоцијализација. А војната, сама по себе, остава последици врз психичката состојба на учесниците.
– Се еден друг проблем – проблемот на соочување со постконфликтните синдроми. Особено кај последните убиства бидејќи кај тие случаи стануваше збор за личности што биле дел од некој конфликт – дали во 2001 година или во Авганистан. Тоа што е битно е институциите на системот да посветат посебно внимание на процесот на ресоцијализација на лицата што не можат да се соочат со таканаречените општествени трауми. Значи не се во состојба да се соочат со тие трауми, со стресовите што ги имале за време на воените дејства во кои учествувале. Сега, во една сосема поинаква ситуација, не можат да се соочат со нормалниот живот, без никаков проблем да се вратат во нормалните животни текови – вели социологот Стојановска-Иванова.
Ќе им се одзема оружјето на насилните лица
Владата ги разгледа можностите за унапредување на системот за превенција од насилство, особено во делот на насилството кое се врши со оружје кое е во посед на приватни или службени лица. Формирана е посебна работна група со претставници од МВР, МО, МТСП, МЗШВ и од останати институции кои во рок од една недела треба да изготват информација и да ја известат Владата за можностите за креирање нова законска нормативна регулатива во институциите каде што таа не постои и квалитативно унапредување во тие каде што постои. Треба да се предвиди и соодветната постапка во определени ситуации како би дошло до ограничување до пристапот на оружје на едно службено лице кое би се сомничело за дело со елементи на насилство. Социолозите велат дека таквиот чекор е за поздравување.
– Тоа што сметам дека треба да се направи е вклучување на научната и на интелектуалната елита која се занимава со овој проблем. Би се направила компилација од сеопфатност од знаењата и искуствата што ги имаат науката и институциите кои се занимаваат со тоа. Тоа е потребно за да се спречи и сузбие насилството – велат тие.
Личностите што биле во воени конфликти, по траумата што ја доживеале тешко се враќаат на начинот на функционирање, живеење и на организација.
– Целокупната доминација на личност што дава наредби, личност што е под постојан адреналински шок како последица на тоа што го доживувала во такви конфликтни ситуации е сосема различна работа од тоа што треба да го има во секојдневието. Тука е разликата меѓу комуникацијата која ја имале со претпоставениот на жариштето и комуникацијата со семејството. Се јавува неспособност да се вратат на тоа што биле пред да бидат дел од воениот конфликт. Тука како пример ги имаме луѓето од поствоениот конфликт во Виетнам. Самите луѓе што биле водечки во американското општество прават цела низа активности што ќе придонесат за нормално враќање на војниците во општеството, дома, да бидат не само корисни за семејството, туку и за општеството – коментира професорката.
Потребно е личноста да помине одредена терапија за ресоцијализација, но и семејството да помине низ една обука – како да му биде од корист на својот близок, кој видливо или не сноси последици од траумите што ги доживеал. Семејството мора да биде предупредено и обучено во која ситуација како да реагира со повратникот. Да знае да ја смири топката во моменти кога тој ќе избувне и ќе почне да се однесува неконтролирано. Соработката со семејството и со најблиските луѓе е една од клучните работи за ресоцијализација на повратникот од некое воено жариште.
– Второ треба да се посвети внимание на соработката меѓу институциите во државата. За мене не е логично кога за едно лице има три пријави за физичко насилство, за тоа да не биде известена неговата работна организација. А, работи на многу специфично работно место, работи со оружје. Како може неговите претпоставени да не знаат дека има пријави за насилство? Не измислуваме топла вода, треба да се преземат европските и светските практики и да ги приспособиме на нашите услови – вели Стојановска-Иванова.
Македонија мора да се фокусира кон процесот на ресоцијализација на лица што не можат да се соочат соодветно со „општествените трауми“. Според професорката, на тие лица е потребно да им се даде да работат нешто што е од општа корист. Во Америка, коментира таа, лицата што се враќаат од воените жаришта се праќаат на работа во циркус, театар, им се дава да организираат настани во парк со цел да се оттргнат нивните мисли од тоа што им се случувало, да се чувствуваат корисни, да ја почувствуваат позитивната и поведра страна на животот.
Мажите жртви на женското ломотење
Жените се најчести жртви во физичкото семејно насилство. Но, затоа, пак, според социолозите, мажите се жртви на психичко насилство. Во психичко и вербално насилство влегуваат постојаното говорење и префрлање.
– Во еден таков случај мажот што се јавува како жртва на семејно, вербално насилство вели: Толку многу ме заморува со таа нејзина перфекција – зошто си го ставил тоа тука, направи го тоа или од толку до толку не си бил таму. Знаете, толку ја сакам, но е неиздржливо, морам да ја пријавам, љубовта не ми дозволува да ѝ вратам. Постојаното потенцирање на неговата машкост или неговата неспособност е вербално и психичко малтретирање. И тоа ги допира – посочува Стојановска–Иванова.
Жената се самоубива, мажот убива
Социологот Татјана Стојановска-Иванова отвори уште едно прашање – зошто жените по разочарувањето од некоја љубовна врска, брак или по соочувањето со неверството на партнерот, посегнуваат по сопствениот живот, но не по туѓиот. За разлика од нив, мажите прво се одмаздуваат на жената за тоа што го направила, а потоа посегнува и по сопствениот живот.
– Има специфика која е интересна да се спомене. Кога мажот се одлучува да си го одземе животот поради љубовно разочарување, тој прво врши убиство врз саканата. Судејќи според писмата на самоубијците, кај нив предничи егоистичкиот импулс. Значи, „јас не можам да живеам без неа, но нема да дозволам ниту таа да биде среќна“. Кај жените тоа е реткост. Најголем процент од жените што се решаваат на самоубиство не посегнуваат по животот на саканиот – вели професорката.
Според неа, мажот за проблемот со кој се соочува гледа вина во целото семејство на жената. Смета дека тие се виновни, тие ја поддржуваат жената поради што се решава да лиши сè што, според него, е причина за проблемите со сопругата. (Б.З. – Н.С.)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Семејна драма во Трубарево: Мајка со маша ја претепала и ја избркала од дома 13 – годишната ќерка
-
Жена претепана од сопругот во Кондово: Паднала во безсознание, соседите морале да викаат Брза помош
-
Семејно насилство во струшко: Крвнички ја претепал сопругата, едвај се спасила
-
Девојка претепана од невенчаниот сопруг


