Македонија не е на списокот на балкански држави во кои американски федерални обвинители ќе помагаат во спроведувањето на законот и на кривични обвиненија против повратниците од џихад во Сирија и во Ирак.
Планот опфати повеќе држави во светот, но и во регионот, како Албанија, Косово, Србија, БиХ и Хрватска, која е членка на ЕУ. Ваквиот американски план за „агресивен одговор“ на екстернизмот и на одлевањето воена сила во исламистички радикални движења што ја создадоа Исламска држава, дојде по средбите и консултациите на Ерик Холдер, американскиот прв човек на јавното обвинителство, со европските министри.
Тој го објасни тоа како „помош на овие земји во донесувањето кривични обвиненија против лицата што се враќаат од Сирија и за да се осигури дека тие ги имаат потребните закони за да го направат тоа, каква што е американската практика против криминалот со кој се обезбедува материјална поддршка за терористичките организации“. Во планот на Холдер се предвидува и „доделување регионален советник за контратероризам на Балканот“.
Дел од инволвираната светска јавност ова го дочека со изненадување наведувајќи го фактот дека изминатиот период голем број балкански влади, вклучувајќи ги Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија и Косово, ги надополнија своите кривични законици и направија учеството во војна или припадност на вооружени групи во друга земја да се казнува со затворска казна. Се додава дека, во согласност со директивите од Вашингтон, сите балкански земји што имаат муслиманско население се приклучиле на нова „војна против теророт“ на американската администрација.
Дел од анализите посочува и на разликите во исламот во светот. Се смета дека исламот како религија на Балканот, односно во државите од поранешна СФРЈ, се сметал за приватна работа и е многу поинаков од радикалниот на Блискиот Исток. Се додава дека тој имал влијание на социјалистичките, космополитски идеи. Притоа се укажува и на разликите во условите на развој на државите и менталитетот меѓу тие на Балканот и тие на Истокот.
Сепак, се додава дека и во Косово и во БиХ во воените конфликти се доселиле борци од тие земји со радикален ислам, кои потоа останале, а се смета дека околу нив гравитираат поттикнувањата за регрутација. Во Македонија, пак, се оценува дека тие не добија поширока поддршка од населението. Од тука треба да се прави разлика и меѓу радикализмот во Македонија, со тој во Косово и во БиХ, па и меѓу состојбата кај нив.
Доволно ли е стратегиското партнерство?
Изостанувањето на Македонија не е случајно. САД во борбата против тероризмот не оставаат ништо на случајност. Според добро упатени извори, македонското разузнавање има „цврста контрола“ кога станува збор за движењата и за организациите што се опфатени со овој план на вашингтонската администрација.
Притоа, се нагласува и одличната соработка меѓу македонските безбедносни служби со меѓународните институции. Особено со американските, чиишто капацитети во земјава се повеќе од доволни. Во таа насока се посочува на големината, бројот и опсежноста на американската администрација во амбасадата во Скопје. Во тој контекст, не смее да се заборави и на стратегиското партнерство, кое Македонија го има со САД, склучено во 2008 година, веднаш откако пропаднаа гласно најавуваниот план и поддршка на тогашниот американски претседател Џорџ Буш за прием на Македонија во НАТО.
Сепак, изоставувањето не смее да се смета дека во Македонија нема опасност од повратниците муџахедини, ниту, пак, дека за таа опасност не се свесни во САД. И амбасадорот Пол Волерс неодамна зборуваше за Исламска држава.
– За жал, повеќе од седум илјади борци се странци, вклучително и од овие региони, дури и од овој град, им се придружија на екстремистичките групи во Сирија и во Ирак. Пред неколку месеци, Македонија усвои Закон што им забранува на своите државјани да учествуваат, регрутираат борци и да се борат во туѓи војни. Ние сакаме да бидеме партнери во развој на програми што ги спречуваат луѓето да учествуваат во тие насилни групи и, исто така, да се рехабилитираат тие што се враќаат повторно во општеството – додаде Волерс.
За учеството на македонски државјани во овие структури, кои на почетокот се претставуваа како „опозиција што се бори за уривање на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад“, за потоа главната сила да ја преземат неколку крила на терористичката Ал Каеда и да формираат таканаречена Исламска држава, во јавноста се дознаваше најчесто од медиумите на албански јазик. Сепак, бројката на заминати и бројката на загинати македонски државјани на боиштата, според претпоставките, е многу мала во однос на сознанијата на заминати државјани од западните држави.
За изоставувањето на Македонија аналитичарот Благоја Марковски се повикува на спогодбата за стратегиска соработка од 2008 година.
– Од тој аспект Американците не нè заборавиле, односно вистински соработуваат со безбедносните органи. Веројатно од тој аспект сметаат дека нема потреба од испраќање дополнителни капацитети за обука. Убеден сум во тоа бидејќи САД секоја година двојат по 12 милиони долари за поддршка на одбраната за обука и за осовременување. Дали тоа го правеле во Хрватска (членка на ЕУ, а каде, сепак, ќе се засилуваат капацитетите со американски стручњаци, н.з.) немам информација. Но, во секој случај треба да се тргне од аспект дека нашите служби работат добро и дека се во координација со американските структури и дека од тој аспект нема потреба од испраќање такви стручњаци.
Случаите како Смиљковско Езеро или гранатирањето на Владата немаат врска со овој дел од борбата против тероризмот, смета Марковски. Тој додава и оцена дека и изјавите на амбасадорот Пол Волерс се во насока на добронамерност и дека не треба да се толкуваат како оддалечување на американската политика од нас.
– Засега, според информациите, нема центри за регрутација и за обука на идни борци на Исламската држава. Кога се заминува во тие борби, има две причини – едната е економска, а другата е идеолошка. Тие што заминуваат од економска причина не се толку опасни, но тие што ја прифаќаат таа идеологија и се враќаат со неа, може да бидат инструирани да дејствуваат во Македонија. Оттука, реална е опасноста за организирање терористички групации и активности. Затоа, Македонија мора да води сметка, каде се подготвуваат, заминуваат и со каква идеологија се враќаат граѓаните со исламска вероисповед – додава Марковски.
Од друга страна, стручњакот за безбедносни прашања, професорот Владимир Пивоваров, изоставувањето на Македонија го поврзува со дел од забелешките од нашите сојузници за администрацијата и за правото. Тој посочува и на случувањата во Македонија.
– Во 2007 година имаше терористички акт, гранатирање на зградата на Владата, кој не е откриен, исто како и сега. Секако, нашата работа ја оценуваат и странските партнери. Нормална е размената на информации, ним не им одговара да остане територија што е непокриена. Погледнете колку има сериозни акции против тероризмот, организираниот криминал и корупцијата во Косово, иако е млада држава, додека ние и по 23 години не покажуваме таква сериозност и покрај реформите – анализира Пивоваров.
Пивоваров, како и неколкупати досега, ги повтори забелешките на законското решение.
– Законот за учество во странски паравоени формации е донесен во најблага форма. Се казнува тој што учествува. Во странство, во санкциите се предвидува и одземање на државјанството. За да не се врати на нивна територија. Тоа го прават бидејќи е познато дека тоа се „темпирани бомби“ и затоа не се дозволува враќање на таа територија. Се предвидуваат и пошироки дејства, како одземање имот и на поширокото семејство. Борбата е сè поопфатна. Ние имаме многу конкретни цели: тој што учествува, тој што организира, тој што пропагира. Ние дадовме општа клаузула на битието на кривичното дело, не ја проширивме како што требаше, како што направија странските служби. Македонија, според некои анализи, се сведува на 30 лица, но веќе 12 се вратени како жртви. Разузнавачките служби треба перманентно да го следат враќањето од таму и веднаш да се санкционираат тие лица. Ние, за жал, во судската практика не видовме преземање такви дејства од нашите власти – додава стручњакот по безбедносни прашања, професорот Владимир Пивоваров.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 117. број на неделникот „Република“, 28.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.