Ракометниот шампион на Македонија, Металург в сабота го игра натпреварот од осмото коло од Лигата на шампионите против Мешков Брест на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“.
Ова ќе биде последен натпревар во Лигата на шампионите за оваа календарска година бидејќи следува пауза пради Светското првенство во Катар во јанури 2015 година. Последните две кола од ова натпреварување ќе се играат во февруари.
За таа цел шефот на стручниот штаб, Лино Червар, и еден од најдобрите поединци во клубот, Филип Миркуловски, на денешната прес-конференција се осврнаа на мечот кој значи последна шанса за пласман во фазата Топ 16 .
– Сѐ додека имаме теоретски шанси за пласман во фазата Топ 16, ќе играме на највисоко ниво. Точно е дека имаме криза во клубот која се надеваме дека ќе ја разрешиме во паузата поради репрзентативни настапи. Сепак, и со победа над Мешков Брест не ни е осигурано местото за пласман понатаму, за тоа ќе треба да ги почекаме и другите резултати од последните три кола во групата. Победата против Ла Риоха ни даде мотив да работиме со сите сили последната недела и посакуваме да дојдеме до оваа значајна победа, која секако нема лесно да биде остварна – изјави Филип Миркуловски.
Шефот на стручниот штав, Лино Червар, наведе дека Мешков е сериозна екипа која до ова коло загуби неколку непланирани бодови и се наоѓа во случна ситуација со Металург.
– Сите знаеме што се случува во клубот во последните 3-4 недели. Ситуацијата е тешка, но се надеваме дека ќе ја пребродиме. Ние во ваква ситуација сме во последните 2,5 години, но и покрај тоа најголемите успеси на клубот во неговата историја се токму во овој период. Во последните пет години се закитивме со седум пехари, три пати ја поминавме групната фаза од Лигата на шампионите и еднаш влеговме во осумте најдобри.
Јас само сакам да кажам дека не бараме никакво алиби и ги повикувам медиумите да ни помогнат во вакви тешки ситуации.
Натпреварот против Мешков Брест ќе биде исклучително тежок бидејќи противникот е сериозна екипа која има десетина странци кои играат на исклучително ниво. Не можам да барам од екипата од која си заминаа повеќето странци да извојува сигурна победа. Несреќно загубија на свој терен од ПСЖ во последната минута, а освоија само бод против Ла Риоха. Нив како и на нас бодовите им се повеќе од потребни. Затоа ги повикувам сите наши симптазиери да ни дадат поддршка и со нивна помош да дојдеме до нови бодови – се осврна Лино Червар.
Натпреварот од осмото коло се игра в сабота во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




