Производството на печурки е една од можностите за почнување и за водење исплатлив бизнис што ги живее своите ѕвездени мигови. Побарувачката е поголема од понудата, па за секој што има намера да почне нешто да работи, одгледувањето печурки е вистински избор. Една успешна приказна е компанијата „Лабеко“, која со години се занимава со производство, пакување и со дистрибуција на печурки во земјава. Велат, бизнисот е исплатлив, а во иднина планираат и зголемување на производството.
– Почнавме со работа во 2001 година. Прво произведувавме буковка, а пред неколку години почнавме и со производство на шампињони. Сега произведуваме буковка од два до 3,5 тони и шампињони од шест до седум тони месечно. Се произведуваат поголеми количества шампињони бидејќи тие повеќе се бараат и консумираат од буковката. Меѓутоа, за да се опстане на пазарот не е доволно да се работи со еден или два производа, па затоа ние нашата палета производи ја проширивме со преработки од печурки и со панирани производи од печурка, салата, пивски крокети, посни паштети од буковка, кои не ги прави никој друг. Со тоа станавме препознатливи и барани на пазарот. Производството засега го пласираме во цела Македонија, делумно во Швајцарија и во Косово. И сето тоа се постигнува со квалитет. Доказ за тоа е нашето опстојување сите овие изминати години – вели сопственикот на „Лабеко“, Идаи Абази.
Тој смета дека бизнисот со печурки е исплатлив.
– Да не беше исплатливо немаше да го работиме ова. Сепак, не би можел да прецизирам колку пари се потребни за да се почне со работа. Може да се почне и со малку пари, а ако добро се работи, инвестицијата брзо се враќа, односно веќе со првите берби. Но, како и секој бизнис, треба да се надградува и шири за да се видат вистинските ефекти од инвестицијата – додава Абази.
Тој советува дека печурките се шанса за исплатлив семеен бизнис и за намалување на невработеноста. Производството на печурки може да го работи секој, од најмлад до најстар, така што кога се работи како семеен бизнис е високоисплатлив. Домашното производство не ги задоволува потребите на пазарот. Во Македонија годишно се произведуваат од 600 до 800 тони, а побарувачката е од 1.200 до 1.600 тони, значи само 50 отсто од потребите се задоволуваат со домашно производство. Овој бизнис нуди можност да се вработат многу невработени лица. Ова е причина плус да се размислува во насока на зголемување на домашното производство бидејќи печурките што се произведуваат кај нас се со првокласен квалитет, за разлика од увозните, кои се од подолните класи и со сомнителен квалитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Килограм се продава за 1.000 евра, а ги има и во Македонија!
-
Парите му паднаа буквално од небо: На кровот пронашол тартуфи чија цена е 5000 евра за килограм
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)