| четврток, 6 декември 2018 |

Општина Охрид ќе субвенционира редовни линии до аеродромот „Св. Апостол Павле“

Општина Охрид во насока на побрз туристички развој и привлекување гости што важат за поголеми потрошувачи, планира да субвенционира редовни авио линии од западните земји до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“

Во таа насока е најавената расправа предвидена за утрешната седница на градскиот Совет, на која ќе се дискутира за објавување оглас за субвенционирање на авио-линии.

Градоначалникот Никола Бакрачески очекува дека авиокомпаниите ќе пројават интерес за воспоставување директни летови до охридскиот аеродром.

– Наша заложба е во текот на 2015 година да почнеме со сезонски, а во текот на 2016, 2017 и 2018 година со редовни летови преку цела година. Како локална самоуправа ќе субвенционираме една линија од аеродромот „Лутон“ во Англија. Со тоа имаме намера да привлечеме голем број англиски туристи, кои важат за едни од најдобрите потрошувачи според податоците на релевантните институции и магазини, што се занимаваат со трендовите во туризмот. Нашата намера е во наредните три години во Охрид да привлечеме најмалку 25 илјади англиски туристи – изјави Бакрачески.

Тој најави дека во исто време Владата на Република Македонија ќе објави оглас со кој ќе се субвенционира уште една линија од Охридскиот аеродром, а како можни дестинации го посочи Базел, како и една односно две линии кон други европски дестинации. Преговорите за тие летови ги води Министерството за транспорт и врски, што е надлежно за целата тендерска постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top