Сите расправи за Фергусон се вртат во круг. Ништо не помага. Можеме да направиме хаштаг на Твитер, да дојдеме до статистички податоци, да зборуваме за многу неодамнешни убиства на црнци (и едно 12 годишно дете). Но, за возврат, ни велат да молчиме. Социјалните мрежи сега се полни со лути белци кои бараат да престанеме да зборуваме за расизмот.
Но, се чини дека никој не ја разбира поентата која ја открив: црнците не се луѓе. Тие не се дури ни три петтини лица, како што некои од нас сакаат тоа да го кажат. Изгледа дека црнците не се ништо повеќе од митолошки суштества – демони, дивјаци, ликови од стрипови…
Овој филм веќе сме го гледале
Поротата на 24 ноември одлучи да не покрене обвинение против полицаецот Дарен Вилсон за убиството на Мајкл Браун, невооружено 18 годишно афроамериканско момче. Одлуката е донесена во 13:00, но оваа информација не е објавена се до 21:00.
Зошто власта чекаше да падне ноќ да ја објават одлуката? Затоа што знаеа дека навечер потешко се контролира масата и затоа што ноќните слики на пожари и судири меѓу полицајците и демонстрантите се подраматични од истите направени по ден? Дали животите на илјадници цивили и полицајци се доведени во опасност поради ПР кампањата, затоа што им требаше нешто да го свртат вниманието од вистинскиот проблем?
На крај го добија тоа што го сакаа. Зградата е запалена, што даде на медиумите изговор да објават наслови како Фергусон во пламен, игнорирајќи илјадници мирни демонстранти и фокусирајќи се на крадците, известуваат за запалени полициски автомобили, но ги игнорираат полициските извештаи во кои пишува дека главниот осомничен бил белец.
Да се гледа развојот на состојбата во Фергусон е исто како да гледате лош филм откако пријателот ви кажал за што се работи. Тоа е причина зошто сите написи кои се објавени по пресудата не укажуваат на сериозноста на проблемот, како што тоа беше случај во написите објавени во првите недели по убиството.
Впрочем, сите ние веќе сме го гледале овој филм, зарем не? Бел полицаец убива црн разбојник, црните разбојници протестираат, Ал Шарптон кажува неколку зборови, луѓето забораваат, одјавна шпица. Така воопшто не е чудно што луѓето кои не се од Америка мислат дека секојдневниот живот во САД наликува на живот од насилните холивудски филмови, бидејќи тоа често е вистина.
Но, тоа не значи дека другите земји ја присвоиле нашата лоша навика за постојано демонизирање на црнците на вестите.
Следењето на извештаите на странските медиуми за случајот на Мајкл Браун е посебно поучно. Во Јапонија водителите на вестите го нарекуваат Браун-сан, користејќи го суфиксот сан кој се користи да се искаже почит кон лицето за кое се зборува. Во Мексико го користеа зборот јовен, во Бразил јовем, на Тајван ксиамониан, збор кој значи момче. Со други зборови, тие го третираат како лице.
Но, во САД медиумите не предупредуваат дека Мајкл Браун не бил ангел. Ни зборуваат дека правел рап песни. Не потсетуваат дека бил прилично висок (речиси иста висина како и неговиот убиец) и дека имал вишок килограми (оваа информација го прави застрашувачки). Фокс Њуз се обиде да создаде сомнеж за тоа дали тој бил на пат да се запише на факултет. Секој ронка човечност која Браун можеби ја имал, тие му ја одземаа, а се со цел да ни покажат какво страшно чудовиште се криело во него.
Убивањето на нашите демони
Во своето сведочење полицаецот Дарен Вилсон, човек кој го уби Мајкл Браун, за жртвата рече дека – тоа изгледало како демон. Браун не е само демон, тој е и тоа.
Во ред, дозволувам. Вилсон можеби погрешно се изрази. Веројатно мислел да каже тој, наместо тоа. Но, ние зборуваме за човек кој се заколнал да ги заштитува животите на своите сограѓани. Тој, исто така доби неколку недели најдобра медиумска обука. Зборувајќи објективно, ова е многу чувствителен случај. Ако на него или неговите надлежни не им паднало на памет дека не е во ред мртвото момче во јавност да се нарекува тоа, демон или закана, зарем тоа не укажува дека можеби нешто не е во ред со начинот како полицијата во Фергусон комуницира со граѓаните?
Но, ништо ова не е важно, бидејќи Мајкл Браун не бил човек. Тој е демон и изгледа лик од стрип.
Во понатамошното сведочење, Вилсон рече дека Браун изгледал како да се набилдал за да помине низ куршумите; како да го лути тоа што пукам во него.
Никој не знае што значи да се набилда во овој случај. Јас тој израз го имам слушнато само во спортската терминологија – атлетичарите јадат голема количина на храна и тренираат меѓу сезоните за да добијат мускулна маса и да станат поконкурентни на натпреварите.
Но, тоа не е нешто што човек го прави истиот момент откако ќе го погодат со еден куршум, тоа не е нешто што човек го прави кога се подготвува да протрча низ дожд на куршуми. Ова навистина не звучи како сведочење, ова звучи како темата од филмот The Incredible Hulk.
Да бидам искрен, приказната за Вилсон за мене нема никаква смисла, но сега никогаш нема да ја дознаам вистината, затоа што не е покренато обвинение. Се плашам дека мора да се согласам со сите расисти. Можеби тоа што Вилсон го видел тој ден, не бил човек. Можеби човекот бил тука на улица, но Вилсон не го видел. Тој видел демон и поради тоа не можеме да го обвинуваме, бидејќи изгледа тоа е се што повеќето од нас го гледаат.
Ликови од фантазијата
Една од најчестите навреди кои се припишуваат на младите во САД е дека се премногу рамнодушни и дека не се способни да покренат движење во општеството. Тоа едноставно не е точно. Американците не ја изгубија способноста да се организираат.
Во последните неколку месеци покренавме две многу импресивни онлајн движења: Студен предизвик и Гејмер Гејт. Во првото движење милиони луѓе поставуваа виртуелни видео снимки од себеси како се полеваат со студена вода по главата, со цел да се соберат пари за наоѓање на лек за АЛС.
Во другото движење, група (главно мизогинисти) љубители на видео игрици, успеаја да ги наговорат мултинационалните компании како Интел и Адобе да ги повлечат своите реклами од најпознатите страници за видео игри, се во име на етичкото новинарство. Во двете движења главно учевствуваа белци.
Но, не сум сигурен дека треба да очекуваме големо онлајн движење на бели активисти кои ќе ги притиснат компаниите да престанат да спонзорираат пристрасни информативни програми кои се темелат на вистинскиот живот, или кои ќе собираат пари за спречување на бруталноста на полицијата.
Во случајот на собирање на донации, бевме сведоци на целосно спротивни реакции. Во кампањата под името Поддршка за Дарен Вилсон, собрани се речиси половина милион долари, а некои донатори дури се заблагодарија на Вилсон што меѓу другото ги штити нормалните Американци од агресивните и примитивни дивјаци.
Впрочем, живееме во време во кое многу Американци весело се полеваат со студена вода пред камери, а се лутат во ист момент ако некој ја спомне можноста дека во случајот со Браун, можеби лошо се постапило. Со други зборови, голем број на граѓани попрво би ризикувале да добијат хипотермија, срцева аритмија или да умрат, отколку да претрпат емоционална непријатност поради тоа што црнците ги сметале за луѓе.
Наместо тоа, Американците попрво ги сметаат црнците за ликови од фантазиите, бидејќи на тој начин нашите очекувања ги прави разумни. Ние ги сакаме како забавувачи, но ги мразиме како соседи. Ние сакаме да пејат гласно, но да умрат тивко.
Пред 50 години писателот Џејмс Болдвин рече дека Американците мора да признаат дека човечноста на потлаченото црнечко население, е еднаква на човечноста на сите други. Се плашам дека Болдвин го преценил нашето сочувство и одговорност.
Можеби е прерано или предоцна, за расниот проблем во САД да размислуваме како белците да се повеќе, а црнците помалку човечни. Се плашам дека мора да почнеме од прашањето дали црнците воопшто се луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



