| четврток, 6 декември 2018 |

Нов лик на Зоолошката градина во Битола

По неколкумесечната обнова на битолската Зоолошка градина, оваа сабота, 6 декември, со почеток во 11.00 часот, ќе бидат промовирани реконструираните живеалишта за животните: мечка, рис, лав, тигар, лисица, ракун, мајмуни, фарма за домашни животни, како и двата комплементарни објекта – влезот и билетарницата во Зоолошката градина Битола.

Реконструкцијата на живеалиштата во Зоолошката градина во Битола се одвиваше во рамките на проектот „Иновативни едукативни програми за засилување на природните ресурси во прекуграничниот регион Пелагонија/ Лерин – ЗОО иноватива“, финансиски поддржан од страна на делегацијата на Европска унија и Министерството за локална самоуправа, во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.

Во официјалниот дел на Промотивниот настан поздравни обраќања ќе имаат: д-р Ѓорге Иванов (претседател на Р. Македонија), Робин Лидл (министер советник – делегација на Европската унија), заменикот на министерот за локална самоуправа , Љупчо Пренџов, д-р Владимир Талески, градоначалникот на општина Битола, и директорката на Центарот за развој на пелагонискиот регион, Емилиа Ѓероска.

Во музичкиот дел од промотивниот наста ќе учествуваат музичките ѕвезди Ламбе Алабаковски со детскиот хор Ѕвончиња, „Паркети“, Бојан Стојоков, детските ѕвезди од музичкиот фестивал „Тра- ла- ла“ , детската транцова група „Степ ап“. Промотивниот настан ќе биде збогатен со анимациски содржини наменети за најмладата попоулација, а ќе бидат доделени и голем број промотивни материјали за сите посетители на настанот.

Центарот за развој на пелагонискиот регион го реализира овој проект во партнерство со Општина Битола и Зоолошката градина во Битола, како и со Општината Лерин и Регионалната развојна агенција од Лерин, Република Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top