
Во Културно-информативниот центар „Култура 365“ се одржа литературно читање посветено на творештвото на охридскиот писател Радослав Петковски.
Радослав Петковски го зазема своето место во т.н. група охридски автори заедно со Борис Бојаџиски, Димче Маленко, Ванчо Николески, Миле Волканоски, Видое Видически и други.
Преку почитувањето и ценењето на роднокрајните писатели се цениме себеси.
– Австрискиот писател и драматург Петар Хајнке рекол дека нацијата што не си ги цени своите раскажувачи, го губи своето детство. Во контекст на тоа, сите ние во нашето детство сме живееле со приказни, раскази, романи. Целта на ваквите средби е да се потсетиме на делата на нашите автори, да ги запомниме како писателски ликови, кои создавале за нас, за нашето наследство – изјави на средбата Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.

Делата на Петковски претставуваат огледало низ какви јазични и политички искушенија се пробивала литературната реч на писателот Македонец, потенцираше на средбата м-р Лидија Размоска од КИЦ „Култура 365“. Преку она што го оставил во своите дела, Петковски дал јасен пример низ какви општествени и културни препреки минувал македонскиот јазик поради неговото непризнавање од тогашното Кралство Југославија. Авторите што се негови современици морале да се служат со дијалектните од нивните краеви.
– Социјалните состојби, исто така, се дел од раскажувачкиот опус на Радослав Петковски. Раскажувањето на Петковски е непосредно, како да ги преснимува состојбите од животот дури со нешто репортерско. Во неговите раскази, човекот е дел од природата, дел од непредвидливите ситуации кои секојдневно го загрозуваат. Како писател, Петковски тргнува од реалноста, а таа со своите карактеристични белези мора да се препознава во неговиот расказ. Петковски пишувал како што говорел, а говорел со срце – рече на средбата м-р Размоска.
На средбата со почитувачите на ликот и делото на овој автор беше отворено и прашањето за неодамнешното отстранување на неговата биста од паркот во Охрид. Бистата на заслужниот роднокраен писател сега се наоѓа на градските гробишта во Охрид.
Радослав Петковски е роден на 13 август 1916 година во Ресен. По дипломирањето на Правниот факултет во Белград работи како адвокатски стажант во битолскиот суд, а потоа како библиотекар во Градската библиотека. Живеел и творел во Охрид, каде што ги напишал неговите дела.
Петковски е автор на расказите „Рибарот Климе“ и „Рашанец“, поезија и неколку драмски обиди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
Давид Фоенкинос: Романот се пишува и кога не сум седнат зад компјутер!
-
Почина писателот Есад Бајрам
-
Јуси Адлер-Олсен, дански писател: Политичарите во Европа едноставно повеќе не се способни, едноставно не се добри!


