| четврток, 6 декември 2018 |

Светски ден за борба против СИДА

Македонија денеска ќе го одбележи 1 декември, Светскиот ден за борба против сидата.

Под мотото „Уживај во животот, преземи контрола, СТОП СИДА!“, Сојузот на студенти по медицина на Македонија, во соработка со Студентскиот парламент на Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ и ХЕРА со поддршка од брендот „дурекс“, на платотот пред УКИМ на студентите ќе им делат едукативни материјали и кондоми „дурекс“. Потоа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе се одржи трибина од претставниците на асоцијацијата ХЕРА, а едукативни предавања ќе има и во средните училиште „Здравко Цветковски“ и „Зеф Љуш Марку“.

Здружението „Сенки и облаци“, пак, денеска ќе го соопшти најдобриот дизајн за кондом-пакување од кампањата „Опуштено заштити се“ и ќе го презентира веб-сајтот „Приказни во сенка“, како и едукативната претстава за репродуктивно здравје, ХИВ-СИДА „Приказни од ходникот“ – театар на сенки.

Ќе биде отворена и изложба со сите пристигнати решенија на конкурсот „Опуштено заштити се“.

По повод Меѓународниот ден на борба против сидата, предвидени се и неколку активности во општина Гостивар, организирани од Советот на млади.

За да се подигне свеста кај граѓаните за оваа болест, од 11 до 13 часот во центарот на градот ќе се делат летоци со информативна содржина, а во 19 часот во салата на Советот ќе се одржи предавање на кое присутните ќе можат подетално да се информираат за симптомите, превенцијата, третманот и статистиките на болеста.

Стручно предавање на тема „Посвети се, дружи се, оствари – генерација без сида“ ќе се одржи и во Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top