Есента во себе ги носи најубавите бои. Жолта, зелена, портокалова, црвена, кафена… Уште кога сте на планина, тогаш најмногу се забележуваат, посебно кога времето е ведро и сончево. За скопјани, Водно е првото прибежиште од загадениот воздух и бегство од секојдневието. А комплексот „Свети Пантелејмон“ е првиот избор за семеен појадок во недела. Пита и кисело млеко и Скопје на дланка. И кога доаѓате на Пантелејмон од Средно Водно, кога возите по патот, одеднаш пред вас изникнува цела населба. Цел комплекс куќи, кои уште се градат. Се загледувате во нив и забележувате дека се различни, иако на прв поглед изгледаат многу слични една на друга. Сѐ уште не се готови. Дел од нив имаат и фасади, прозорци, чардаците им се готови, на дел сè уште се работи. За некои се чека камен од Албанија, за некои каменот е пристигнат ама треба да се исече, да се нареди. Во доцната есен, на градилиштето забележувате работници растрчани на сите страни, багери, лопати, камен, материјали за изолација…

Првите гости во селото во јуни
Лани, на 7 јуни беше поставен камен-темелникот на проектот „Македонско виртуелно село“, во Горно Нерези, спроти комплексот „Свети Пантелејмон“. Беше најавен дека ќе се гради 17 месеци, ама изградбата се одолжи, најмногу поради временските услови. Лани поради долгата и екстремно студена зима, потоа поради многу жешкото време кога во сила беше забраната за работа на отворено. Според сите процени, најоптимистичките варијанти се дека напролет ова село ќе биде готово. Потоа ќе остане да се уреди ентериерот во куќите, што е најскапиот дел од изработката на куќите. Веќе во јуни селото може да ги прими првите гости.
Основната идеја на проектот е да се претстави традиционалната архитектура, историја на занаети, спецификите на објекти карактеристични за сите етнички заедници во Македонија во руралните средини. Затоа, кога ќе одите да го посетите, не барајте ја традиционалната охридска, велешка или крушевска градска куќа. Според еден од проектантите на идејниот проект „Македонско виртуелно село“, архитектот Миле Недевски, идејата е да се претстават селските куќи во Македонија.
– Идејата беше да се изградат автентични куќи од руралните средини, но со модерни материјали. Посебно што ова е и тресно подрачје, не можеме да ризикуваме. Во изградбата на сите објекти во селото се користени најсовремени материјали – вели Недевски одговарајќи на забелешките зошто куќите во селото не се градени автентично, со материјали што се користеле пред повеќе од еден век.
Инвеститор на проектот, кој според некои процени треба да чини околу четири милиони евра, е Владата на Република Македонија, а фирма-изведувач е АК „Инвест-Тетово“. Од Министерството за економија сметаат дека со изградбата на ова село ќе се зголеми туристичката понуда во Скопје.

– Реализацијата на проектот ќе чини околу три милиони евра, а за ентериерот е предвиден дополнителен еден милион. Сметаме дека тоа не е голема сума за ваква понуда, имајќи предвид дека со објектите во иднина ќе може да стопанисуваат приватни лица и на таков начин да се врати инвестицијата – изјави Ваљон Сараќини, министерот за економија, при една посета на Селото.
Според него, сѐ уште нема финално решение за тоа кој и под какви услови ќе може да стопанисува со објектите.
Иако станува збор за голема инвестиција, се очекува парите што се вложени во брзо време да се вратат. Во селото ќе има вкупно 54 соби за издавање, еден апартман, ан, меана, продавници за сувенири, етнолошки музеј, амфитеатар. Познавачите велат дека ова село ќе биде посетувано, посебно од ВИП-личности, кои сакаат да избегнат од престојот по хотелите и сместување во ваков, рустикален објект ќе им биде вистинско уживање и освежување. Посебно што е далеку од градскиот метеж, а сепак близу до градот. Целиот комплекс би вработил најмалку дваесетина редовно вработени и сигурно уште толку хонорарни соработници.
Стопански и економски дел на селото
Проектот „Македонско село“ содржи 17 објекти од кои 12 се куќи, и е поделен на два дела – стопански и економски дел. Во првиот, стопанскиот дел има комплекс од 12 типични македонски селски куќи, потоа пријавница или рецепција, продавница наменета за продажба на сувенири, меана, ан, етнолошки музеј, горна и долна маалска чешма, како што вообичаено има во сите македонски села. Чешмата порано била едно од најважните комуникациски центри, место каде што се дознавале сите вести во селото. Во економскиот дел се планирани трло, бачило за овци, рибник, воденица и валалница.
– Стопанскиот дел на селото се простира на 5.400 квадратни метри, а економскиот дел треба да биде на 5.600 квадратни метри. Досега вкупно се изградени 17 објекти. Освен куќите, кои се 12 на број, изградени се уште и воденицата, валалницата, меаната, анот и етнолошкиот музеј. Се чека проектот за трлото, бачилото и за рибникот. Тоа ќе се гради последно, бидејќи сега ни пречи во работата – вели Илија Шукалов, инженер-архитект во АК „Инвест – Тетово“, фирмата изведувач на проектот.

Шукалов стрпливо ни ги раскажува деталите за проектот од кој се очекува да донесе туристи во Скопје. Според планот, има 12 куќи и тоа: делчевска, кумановска, тетовска, беровска, кратовска, скопско-црногорска, реканска, галичка, струшка, битолска, прилепска и велешка. Планирано е во приземјето на куќите да бидат претставени занаетите карактеристични за тој крај од каде што е куќата, а горе, на катовите, да има соби за издавање. Собите се типично хотелски, со по два, три или четири кревети и ќе служат за изнајмување. Сите куќи, освен струшката, галичката и реканската куќа имаат приземје и еден кат, а овие три се поголеми и се градени на два ката.
– Вообичаено, по скопските кафеани се одржуваат традиционалните вечери како кратовска, велешка и слични други. Мислам дека токму тие вечери ќе можат да се организираат тука, кога ќе биде готово селото – коментира Шукалов.
Секоја куќа со свој занает
Во изградбата на традиционалните, селски куќи во македонското село проектантите се воделе од идејата да ги претстават типичните куќи од одреден регион во Македонија. Планирно е во секоја од овие 12 куќи во приземјето да има претставување занаети типични за тој регион. Така, куќата од беровско-малешевскиот регион и таа од скопско-цреногорскиот во приземјето ќе имаат ткајачница, делчевската куќа ќе го претставува столарскиот занает, кратовската куќа во приземјето има винарска визба, која ќе служи за продажба и за дегустација на вина. Во кумановската и во струшката куќа ќе има ресторани каде што ќе се служат традиционални јадења од тие краеви. Во гостиварско-реканската куќа во призејмето ќе има бакалница, а еден дел ќе биде наменет за сместување лица со посебни потреби. Во галичката куќа ќе биде претставено традиционалното подготвување на сирењето и на кашкавалот бидејќи тој крај надалеку е прочуен по квалитетот на овие млечни производи. Во тетовската куќа ќе биде прикажан традиционалниот кујунџиски занает, а во велешката ќе се прават самари, опинци, со акцент на ќурчиските, кожарски производи по кој е познат овој дел на Македонија. Куќата од прилепскиот регион во приземјето ќе прикажува како се ниже тутунот, а битолската ќе го претставува грнчарството како занает.
Во секоја од куќите, освен соби за издавање на катовите, во долниот дел ќе има и продавници каде што ќе се продаваат производи од тој крај.

Анот е планирано да биде изграден со елементи на традиционалната архитектура од 19 век, исто како и меаната, во која, исто така, ќе има соби за издавање.
Во економскиот дел се воденицата и валалницата, кои се веќе изградени, а тука уште спаѓаат и рибникот, шталата, трлото. Планирано е водата од рибникот да се слева во воденицата, а потоа и во валалницата. Воденицата е предвидено да биде единечна, со едно воденичарско колце, изградена од камен, покриена со камени плочи. Треба да биде активна, во функција и за презентација на воденичарскиот занает. Валалницата треба да го покаже валалничарството во Македонија.
Пишува: Александра Мазнева – Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


