За него поезијата е живот на која комплето и се предава. И во поодминати, повозрасни години тој неуморно твори, слушајки си го певецот во себе. Куќата на Миџаил Ренџов во Нерези крај Скопје е отворена за сите намерници со кои се разговара долго во ноќта за поезијата, за сликарството, за творештвото, за Македонија…Тој е поет, раскажувач, преведувач и додека разговара за поезијата очите уште му светат како на мало дете, што би рекол неговиот пријател, сликарот Владимир Георгиевски. Тој го слави животот, неговата судбина, неговото опстојување.
Имате богато поетско творештво зад себе, со голем број награди и признанија. Што претставува за вас поезијата?
Поезијата за мене е живот. Откако знам за себе јас не пишувам, јас се издишувам. Завршив Правен факултет, но го напуштив правото за да бидам блиску до поезијата, да не се двојам од неа. Освен поезијата, не напишав ништо друго, ниту критика, ниту проза, ниту драма и се со цел да не ја навредам позицијата на поезијата. Комплетно и се предадов. Признанијата дојдоа, по она старото правило „наградите на градите“. Наградата „Глигор Прличев“ ја добив двапати и навистина не го очекував тоа. На постари години ја добив втората награда и тогаш кај мене се случи една експлозија. Одеднаш се заборавив. Се што сум паметел исчезна. Не знам дали беше божји благослов или проклетство.
Препевот на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“ доживеја три изданија. Покрај знаење, каква внатрешна сила, каков предизвик беше да се работи препевот?
Јас почнав да го преведувам за себе, оти бев возбуден од него. Ме сретна тогашниот уредник на „Македонска книга“ и кога му кажав што работам, ме замоли да го преведам епот за таа куќа. Според мене, делото што треба да се препее, препејувачот го избира сам. Делото ми се наметна со својата суштина и величина, затрепери во мене. Јас почнав да работам на него, да го препејувам за себе. Ми останаа уште 10-15 страници да го завршам и да го предадам. Меѓутоа, се разболев. Едноставно, од возбуда. Лежев толку многу колку што требаше да го препеам. Го препеав и беше еден од кандидатите за наградата „Григор Прличев“. За препевот добив многу комплименти од читателите, така што го чувстувам како свое дело. Неодамна го објавија и во „Бисери на светската литература“. Тоа е големо задоволство за мене. Од друга страна и сега го читам со големо задоволство, затоа што тоа е ретко убаво дело.
Познавачите на вашите дела велат дека поезијата ви е врвна, но вашите раскази знаат да ги поместат и најголемите емоции во читателот.
Пишувам како што умеам, чувстувам, онака како што го доживувам светот. Јас не пишувам, јас вдишувам. Тоа е еден сублимат кај мене, животот и она што го гледам и тоа излегува од мене. Немам тегоба во создавањето . Не пишувам постојано, но кога нешто треба да излезе од мене, тоа само се појавува, само се запишува. Имам уште неколку книги за објавување. Одењето во пензија пред десетина години ми наметна едно сознание- додека ми работи певецот во мене, дотогаш да го користам. Едноставно, имам уште две-три кинги за објавување. Творечкото его кај мене уште работи.
За вас Нерези е ветена земја. Знаеле поети да ви доаѓаат во ниедно време. Вашата врата е отворена за сите, млади и стари.
Такво ми е семејството. Нашата куќа во Штип била сврталиште на многу пријатели, на семејството, на дојденци, на пазарџии. Таа воспримчивост на моите родители е влезена и кај мене. Нерези навистина е извонредно место. Топлината со која се примаат луѓето во нашиот дом ја ценат гостите и затоа доаѓаат. Никојпат не се жалам, знаат да заседнат и по цела ноќ. Куќата ми е отворена, како и срцето што ми е отворено. Веќе 33 години сум во Нерези и знам дека Нерези мене ме одбра. Јас не го најдов, тоа ме повика да отидам. Тоа е божествен простор, самиот манастир е така лоциран, ми влезе во зеницата на окото, се преселува кај мене и кога сум најтажен и кога сум нерасположен, кога сум вознемирен, Нерези делува смирувачки на мене, како опојно средство. Се смирувам и во Нерези сум ги напишал најубавите стихови.
Какво е вашето мислење за младата генерација поети кои допрва доаѓаат?
Со задоволство и љубопитство ја следам македонската поезија. Едно време еден наш познат критичар велеше дека со третата генерација завршува македонската поезија. Јас се побунив и му реков – поезијата тукушто почнува заради тоа што досега немавме искуство, а младите што доаѓаат ќе се надоврзат на тоа што е создадено. Наши примери беа Рацин, Прличев, потоа Матеја Матевски, Славко Јаневски, Анте Поповски. Меѓутоа, подлабока врска со литературата немавме. Тие беа пред нас, и нормално е дека по нас ќе дојдат поумни, пообразовани, подаровити автори. Ги следам сите дела кои тие ги пишуваат, меѓутоа не знам што се случува. Не гледам некоја длабока врзаност со творештвото, онака длабока како што нас не болеше. Ние болката ја кажувавме. Тие не го чувстуват тоа, со исклучок на неколкумина. Очекував тоа да биде на две-три нивоа повисоко. Засега не го гледам тоа, меѓутоа сепак верувам во магијата на македонскиот поет.
Која е болката на Македонија?
Најискрено ќе кажам – потрагична земја од Македонија не сум видел и не сум прочитал затоа што се во Македонија е тажно. Македонецот успеал да се одржи себе си и покрај се и ако го гонеле, го протерувале, го делеле, го уништувале. Кога бев во Украина, во еден разговор со писателите и новинарите им објаснив како македонскиот народ успеал да го задржи сопствениот јазик и добив аплауз. Да се биде под туѓи влијанија, а да не се изгуби јазикот, тоа е невозможно. Македонецот успеал во тоа. Го губел животот, ја губел куќата, меѓутоа јазикот го задржал. Некоја сила стои над оваа Македонија, над оваа грутка земја што ја спасува од сите катастрофи од таа гибел и погибел.
Разговараше: Александра Мазнева Бундалевска
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Јас.Елегии” од Михаил Ренџов
-
Промоција на книгата „Јас, елегии“ од Михаил Ренџов во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“
-
Михаил Ренџов добитник на наградата „Браќа Миладиновци“
-
Послание или черемен запис на поетот Михаил Ренџов: Македонците во овој свет на агресија пак ќе победат со човекољубието