| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на средби со жителите на Нерези (Фото)

8Премиерот Никола Груевски денеска го посети село Нерези во Општина Карпош каде што на средби со жителите и општинските власти се запозна со тековните и идни инфраструктурни и комунални проекти.

Во присуство на Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, градоначалниците на Скопје и на Општина Карпош Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски, во Средно Нерези беше пуштена во употреба хидрофорска станица.

Проектот, според Груевски, е реализиран со заеднички напори на повеќе институции и со него се надминува проблемот со водоснабдувањето.

–  Проектот е завршен и како што гледате голем број луѓе се собраа да го изразат своето задоволство и честитки до оние коишто го направија, до градоначалникот на Скопје,  на Карпош, директорот на Водовод и сите други коишто учествуваа во изработката на сето ова, изјави Груевски.

Претходно Груевски изврши увид на активностите за обнова и проширување на улицата „Козле“ со краците 3,5,8 и 10. Со завршување на патот и со пуштањето во употреба на хидрофорската станица, потенцира Груевски, практично се решаваат двата најгорливи проблеми на Нерези, на овој дел на општината Карпош.

Следен за реализација треба да биде проектот за изградба на училиште. Сегашното училиште, како што информира градоначалникот Јакимовски, е старо и со несоодветни услови.

–  Градоначалникот кажа дека во иднина треба да се направат одредени не многу големи инвестиции во училиштето во Нерези и со тоа клучните работи поврзани со овој дел на некој начин би биле покриени, завршени, посочи Груевски.

На средбите со жителите на Нерези, како што рече,  слушнал многу различни идеи, проблеми, поплаки, критики и пофалби. Биле извонредна можност одблизу да се запознае со проблемите  со коишто се соочуваат секојдневно.

– Добро е што сме заедно, со мене е и градоначалникот на Скопје и градоначалникот на Карпош, неколку директори на јавни претпријатија, тука е и министерот за транспорт, и дополнителниот заменик за труд и социјална политика така што може за некои од работите и веднаш да одговориме на граѓаните. За некои од работите не можеме веднаш  па закажуваме термини со нив или ги земаме нивните контакти за подоцна нашите кабинети да направат напори да им помогнат. Но за некои од нив со оглед дека многу од луѓето кои се надлежни за некои од  работите се тука, на лице место ги договораме работите како, кога, на кој начин да се надминат дел од проблемите, изјави Груевски.

Не може, додаде, да се решат сите проблеми, но може да се решат многу од нив. – И кога биле изборите никогаш не сме давале ветувања дека сите проблеми ќе ги решиме. Луѓето знаат дека тој што дава такво ветување всушност ги лажи неговите гласачи. Но сме ветиле дека ќе решиме многу повеќе проблеми отколку нашите политички конкуренти, нашите опоненти во политичкиот живот и мислам сега засега прилично успешно го правиме што потврдува и она што го имавме на сите изминати избори,  една силна поддршка од граѓаните за оваа коалиција и за луѓето што денеска се присутни тука на терен со граѓаните кое што е нешто што  го правиме многу често и со особено задоволство, изјави премиерот Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top