| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот шампион Макаби декласиран на домашен терен

Вчера во кошаркарската Евролига беа одиграни шест натпревари од седмото коло.

Maccabi Electra vs CSKA Moscow

Европскиот шампион Макаби беше декласиран на домашен паркет од московска ЦСКА со 61-84. Гостите клучната разлика ја направија во првиот период од играта кога го добија со 13 коша разлика (12-25). Нерешлива енигма за Макаби беше Сони Вимс кој постигна 19 поени. Саша Каун додаде 15, а Воронцевич и Де Коло додадоа по 13 коша.
Најефикасен кај домашната екипа беше Смит со 14 поени.
ЦСКА Москва по седум кола сеуште е неприкосновена на врвот на табелата во групата Б со максимален учинок.

Војдан Стојановски со неговиот тим Алба Берлин славеше победа во последната секунда на натпреварот. Клучниот кош го постигна Реџи Ридинг на 0,2 секунди до крајот. Тој натпреварот го заврши со 17 поени и беше најефикасен на паркетот.
Стојановски постигна само два поена за нешто помалку од шест минути игра.

Гигантот од Мадрид Реал беше изненаден на свој терен од Уникс Казан. Иако Реал водеше на полувреме со 46-42, клучна беше третата четвртина во која гостите успеаја да дадат 26 коша а примија само 15. Во овој период од играта се истакна Фишер кој на крај мечот го заврши со 25 поени. Рамо до рамо беше неговиот соиграч Џерелс со 23 коша.

Резултати:

Црвена Звезда – Нептунас 79-62, Фенербахче – Туров Згорзелец 89-74, Макаби – ЦСКА Москва 61-84, Алба Берлин – Уникаха 79-78, Лаборал Куча – Олимпијакос 89-70, Реал Мадрид – Уникс Казан 75-85.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top