Аеродром е најуредена општина во Македонија. Токму тоа претставува предизвик за нас и мотив да го задржиме овој висок статус и уште повеќе да ги подобриме условите за живеење. Многу вложуваме и се трудиме да го оправдаме мислењето дека Аеродром е една од најмодерните општини во градот. Ние сме горди на овој епитет, изјави Ивица Коневски, градоначалник на скопската општина Аеродром и кандидат за нов мандат од владејачката коалција „За подобра Македонија“.

Коневски објасни дека не се запоставени ниту руралните делови во општината, каде што се вложени огромни напори и големи финансиски средства за тие да се урбанизираат. За разлика од изминатите триесет-четириесет години, кога никој не вложуваше во овие населби, во последните четири години се направени голем број капитални проекти.
– Горно и Долно Лисиче добија околу 99-процентна покриеност со канализациска и патна инфраструктура, така што руралниот дел на општината доби цели 30 километри канализациска мрежа и исто толку километри асфалтирани улици – проект што заедно со неопходните колектори и новоизградената препумпна станица е прв проект од ваков обемен вид во Република Македонија.
Поголемиот дел од комуналните, инфраструктурните и образовните проекти речиси во целост се реализирани, а се реализираа и многубројни проекти што не беа опфатени со предизборната програма – рече Коневски.
Аеродром стана најзелена општина со огромните зелени површини и со новите модерни паркови што ги изградивме за луѓето да можат да се рекреираат во близина на своите домови. Се изградија детски игралишта и се реконструираа нови училишта и детски градинки.
– Би продолжиле со доизградба на инфраструктурата, осветлувањето и уредувањето на руралниот дел. Хигиената е уште еден зацртан приоритет иако сме задоволни од постигнатиот степен на јавната чистота. Ќе се потрудиме да ја доведеме на уште повисоко ниво за Аеродром да остане гордост на Скопје и на Македонија. Очекувам, граѓаните повторно да ја препознаа нашата понуда – заврши Коневски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


