По двата незгодни порази од Веспрем, РК Вардар во седмото коло игра на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ против тимот на Целје во рамките од Лигата на шампионите.
Во Скопје доаѓа екипа која е во форма и која во претходното коло на домашен терен го совлада тимот на Рајн Некар Левен со пет разлика.
Проблемите со повредените играчи во Вардар не треба да бидат алиби за евентуален неуспех в сабота.
Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, предупредува дека во Скопје доаѓа екипа која загуби на домашен терен од Вардар со еден гол разлика (26-27), но дека од коло во коло игра сѐ подобро и ја бара шансата за пласман на едно од четирите места во групата кое води во следната рунда.
– В сабота играме многу важен натпревар во Лигата на шампионите. По поразите од Веспрем тие се во одлична позиција за првото место. Наша цел е пласман што повисоко на табелата и ќе дадеме сѐ од себе на натпреварот против Целје.
Тие во минатото коло го победија Рајн Некар со пет разлика и покажаа дека се тим за респект. Играат одлична одбрана, брз напад и развиваат лесни контри и зицер ситуации. Треба да играме цврсто во одбраната и да ја играме нашата игра – изјави Раул Гонзалес.
Матијаж Брумен, кој влече ситна повреда, го повтори ставот на тренерот и целата екипа.
– Сите сме свесни дека мора да го победиме овој натпревар. Со ангажирана игра во текот на сите 60 минути тоа ќе го сториме и ќе се вратиме на победничките патеки. Целје се наоѓа во одлична форма, но фаворитската улога е на наша страна и мора да ја оправдаме. Голем е влогот и со две победи во следните два меча ќе се зацврстиме на втората позиција што е наша цел – додаде Брумен.
Натпреварот меѓу Вардар и Целје се игра в сабота на 29 ноември со почеток од 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.