| четврток, 6 декември 2018 |

Петир: ЕК итно да најде начин за Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ

petir

Да се деблокираат преговорите на Македонија со Европската унија, бидејќи земјата чека десет години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ за да ги отвори преговорите, а главен камен на сопнување се билатералните проблеми што го попречуваат отворањето на преговори. Оваа порака, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ја испрати хрватската пратеничка во Европскиот парламент, Маријана Петир, по вчерашното одблокирање на работата на Мешовитиот парламентарен комитет на Европарламентот и македонското Собрание, повикувајќи ја Европската комисија да најде начин итно да почне преговарчкиот процес на нашата земја.
Според Петир, Хрватска има искуство од повеќе од десет години преговарачки процес што успешно го заврши минатата година и стана полноправна членка на Унијата. Таа посочи дека хрватското искуство е вредно, поради обемниот начин на преговори кои се одредница за отворање и затворање на 35-те преговарчки поглавја.
– Ваквиот процес ја чека и Македонија и ние сме првите кои го имаат тоа искуство што може да биде корисно за вас. Друга важна забелешка е дека и Хрватска имаше блокада од неколку години во преговорите поради нерешените билатерални прашања со соседна земја, исто така членка на ЕУ, како што е случај и со Македонија – вели Петир.
Според европратеничката од редовите на Европските народни партии (ЕПП), Хрватска поради тој проблем и блокада минала повеќе од десет години во преговори што, според неа, на моменти било демотивирачки и досадно за нејзината земја и хрватските граѓани. Петир истакна дека решението во случајот со Хрватска било во носење одлука на највисоко политичко ниво, со поддршка на ЕУ дека споменатото прашање ќе се реши билатерално. Со тоа, според европратеничката, спорот со Словенија бил ставен надвор од преговарачкиот процес со што преговорите биле деблокирани.
 – Верувам ќе се согласите дека овој успешен пример за решавање на билатералните проблеми во рамки на процесот на преговори треба да биде пример за добра практика што треба да се користи во следните преговори како што е случајот со Република Македонија –  истакна европратеничката Петир.
Таа побара од Европската комисија активно да ги користи добрите примери од минатите преговори и итно да најде начин за Македонија официјално да ги отвори преговорите за членство во Европската унија. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top