Во Македонија годишно се вршат околу една илјада биомедицински потпомогнати оплодувања (БПО), а процентот на успешно завршени постапки е висок. БПО е револуционерна и специфична постапка, високозависна од технологијата. Следењето на тој технолошки напредок со инвестиции и постоењето кадар кој континуирано се едуцира во супспецијалноста, особено во ембриологијата и генетиката, се основни предуслови за успешна работа на лабораториите за вонтелесно оплодување.
Од почетокот на годинава почна да се спроведува владиниот проект за бесплатно ин витро за второ дете. За таа активност се планирани дополнителни 1,5 милион евра од буџетот и заедно со бесплатното ин витро за прво дете ќе бидат вкупно 2,5 милиони евра одвоени од буџетот.
Мерката на Владата е поттикната од лошата демографска структура во Македонија бидејќи податоците покажуваат дека кај нас сè помалку се раѓаат деца, а населението старее. Овластени здравствени установи во Македонија во кои се спроведуваат постапки за биомедицинско потпомогнато оплодување се: Плодност (Битола), Систина, Ре-медика, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Ултрамедика, Свети Лазар хоспитал, д-р Органџиски (Штип).
Фондот за здравство за 2010 година, 2011 и за 2012 година одобрил вкупно 2.648 барања за вештачко оплодување на државен трошок.
Кои се причините за сѐ поголемиот број вонтелесни оплодувања во Македонија?
ТРАЈКОВСКИ: Прво, тоа е новиот Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување за второ дете кај неплодните бракови, каде што првата бременост, исто така, е остварена по пат на ин витро, нормално од медицински оправдани причини. Исто така, и големиот број институции што се отворија во последните десетина години за овој вид медицинско оплодување. Со тоа, најверојатно, се намали бројот на брачните двојки што за истата процедура заминуваа во странство.
Во Македонија е висок процентот на успешни вонтелесни оплодувања. На што се должи тој процент?
ТРАЈКОВСКИ: Најверојатно, тоа се должи на сѐ подобрата опременост на установите коишто се занимаваат со вештачко оплодување, исто како и на стручната подготовка на персоналот. Фондот за здравство излезе со информација дека во последните 10 месеци имало повеќе од 1.600 барања за биомедицински потпомогнати оплодувања. Во оваа бројка спаѓаат и барањата за второ дете. На популацијата во Македонија таа бројка не е толку голема, како што изгледа.
Зошто во Македонија нема банка на сперматозоиди?
ТРАЈКОВСКИ: Некои закони и правила пропишуваат дека популацијата на една земја треба да има најмалку шест милиони жители за да се отвори таква банка, а во Македонија има околу 2 милиони и 300 илјади жители. Тоа е со цел да се избегне можноста добиениот пород со помош на донаторска сперма да не дојде во каква било роднинска релација во текот на животот со идниот можен партнер. Многу е побезбедно да се увезе од друга земја.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за смрзнување на оваријалното ткиво?
ТРАЈКОВСКИ: Криопрезервацијата на оваријално ткиво е многу погодна процедура за сочувување на фертилната способност на оние жени што во текот на животот ќе заболат од некое малигно заболување и кои ќе бидат подложени на хируршка или, пак, на радиотерапија или хемотерапија. Хемотерапијата е токсична, а знаеме како дејствува радиотерапијата врз овариумите. За да се зачува фертилната способност, пред да се почне со тој вид терапија, пациентката ќе биде подложена на мала хируршка интервенција за да се сочува оваријалното ткиво за потоа, во случај да биде излечена и да помине одреден разумен период по хемотерапијата или радиотерапијата, да може повторно да се автотрансплантира и таа да забремени по природен или по медицински пат.
На кои пациенти им е потребна донирана јајце-клетка?
ТРАЈКОВСКИ: Најчесто тоа е популацијата која е над 35 години, особено над 40 години. Жената ги носи јајце-клетките од раѓањето. Во текот на животот не се менуваат бројот на јајце-клетките и нивниот квалитет. Во одреден момент, посебно со стареењето, јајце-клетките стануваат неквалитетни за да бидат оплодени или пак можат да бидат оплодени, но да не може да се износи една бременост до крај. Таа возрасна група има потреба од донирани јајце-клетки.
Каков е Вашиот став за сурогат-мајчинството?
ТРАЈКОВСКИ: Законот не сум го прочитал, но како идеја и како донесување закон е одлично. Не знам дали со Законот се предвидува материјална корист за сурогат-мајките, меѓутоа тоа е еден акт на хуманост. Да се усреќи една брачна двојка, со тоа што жената која ќе одлучи да биде сурогат-мајка практично ќе биде еден вид инкубатор на нивниот плод, тоа е висок акт на хуманост.
Целиот разговор во видеото на Република ТВ.
(Разговараше: Александра М. Бундалевска |
Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 116. број на неделникот „Република“, 21.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!