| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска комплетно исчезнаа сите податоци од Националниот портал за квалитет на воздух

А, денеска, комплетно исчезнаа сите податоци од Националниот портал за квалитет на воздух, пишува „Утрински весник“. Додека надвор „печеше“ на нос и на очи, од 1 часот наутро згаснаа мерните станици кои ги покажуваат бројките со степенот на загадувачки супстанции во воздухот во Скопје, но и во останатите делови од државата. Проблем е што ова е единствениот транспарентен извор на информации за степенот на загаденост, па, кога нема резултати, како да нема ни загадување! Граѓаните можат само да нагаѓаат со што и колку ги полнат белите дробови, дали со опасна прашина ПМ10, ПМ2,5, со озон, јаглеродмоноксид, азотни оксиди… А, најтрагично е што никој не знаеше што, всушност, се случило со мерните станици.

-Имаме дефект со системот на станиците. Изгубивме комуникација со станиците, па сега ги проверуваме сите можности и го откриваме изворот на проблемот. Нашата екипа работи напорно, комуницираме со ЕВН, сите инволвирани оператори, па во најбрзо време ќе го отстраниме проблемот, рече Сашо Секуловски од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Макстил“ веќе извесен период не работи (барем така тврдат надлежните), но, сепак, скопјани чувствуваат дека дишат многу загаден воздух. Па, се прашуваат дали „Макстил“ е единствениот загадувач во градот? Што содржат облаците што излегуваат од оџаците на „Топлификација“, од индивидуалните куќи, какви се издувните гасови од автомобилите… Досега нема конкретна реакција од надлежните за начинот на затоплување на домовите и административните капацитети, евентуални рестрикции на градежните процеси, но и на сообраќајот. Во Скопје има цели општини во кои воопшто не се знае кој на што се грее.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top