| четврток, 6 декември 2018 |

Полицаецот кој уби тинејџер во Фергусон: Имам чиста совест!

Полицаецот Дарен Вилсон, што во август во градот Фергусон го уби невооружениот тинејџер Мајкл Браун, изјави во интервју за телевизијата Еј- Би-Си Њуз дека има чиста совест и дека повторно би го сторил истото.

Вилсон истакна дека пред да го извади пиштолот и пука во Браун, се плашел за сопствениот живот.

– Причината поради што имам чиста совест е дека знам дека правилно ја извршував својата работа, изјави Вилсон во својата прва изјава во јавност од инцидентот на 9 август годинава.

– Не верувам дека тоа е нешто што ќе ме прогонува. Тоа е нешто што едноставно се случува, изјави полицаецот, на кого тоа е првпат да употреби оружје на своето работно место.

На прашањето дали исто ќе постапел и доколку Браун бил белец, Вилсон одговори: Да, нема сомнеж околу тоа.

Вилсон го опишува Браун како „силен човек“, споредувајќи го со професионалниот борец Халк Хоган. Според Вилсон, Браун тргнал кон него и сакал да го убие. Тој истакна дека се плашел за својот живот и дека Браун сакал да му го одземе службениот пиштол, поради што делувал во самоодбрана.

– Сам себе се запрашав дали можам да го убијам овој човек. Дали тоа е во согласност со законот? Одговорот што сам го дадов е дека морам да го направам тоа, истакна Вилсон.

Вилсон и неговата сопруга се надеваат дека наскоро ќе може да се вратат на својот нормален живот. – Ние само сакаме да имаме нормален живот. Тоа е се, изјави тој.

Убиството на Мајк Браун предизвика протести низ САД, откако поротата одлучи дека против полицаецот Вилсон нема да биде покренато обвинение за инцидентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top