| четврток, 6 декември 2018 |

Куновска: Јакимовски да даде отчет што сработил во Карпош

Кандидатката за градоначалник на Карпош од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска, вечерва побара од актуелниот градоначалник да им даде отчет на жителите на општината за тоа што го сработил во изминатите четири години.

– На синоќешниот митинг господинот Коце Трајановски извади една книга и пред граѓаните кажа што направил, а што не и зошто тие проекти не ги реализирал. Јавно даде отчет. Тоа треба да го направи и Стевче Јакимовски. Тој извади само една програма која е голема фарса бидејќи во нема ниту рок ниту, пак, финансика издржаност. Андреј Петров вчера во јавност излезе со три ливчиња на кои има нафрлено 100 проекти кои се негова желба. И оваа програма не е издржана и во неа нема ни рок ни колку пари се потребни за нивна реализација. Затоа јас имам програма со 117 проекти, издржани проекти. Проекти кои навистина се потребни и кои ќе ни го подобрат урбаното живеење – додаде Куновска.

Куновска вечерва на жителите на Карпош им вети дека во општината нема да биде воведено зонско паркирање, но и дека ќе изгради нови детски игралишта и спортски терени.

– Ги знам вашите локални проблеми, проблемот кој го имате со паркирањето околу зградата на Агенцијата за катастар, овој проблем ќе го решам со изградба на катна гаража и ви ветувам и ве уверувам дека во Карпош нема да има зонско паркирање. Исто така, ќе работиме и на реновирање на фасадите на старите згради, ќе изградиме и нови детски игралишта, како и кошаркарски терени, бидејќи треба сите заедно да се залагаме за идните генерации. Ќе работам и на осветлувањето и реконструкциите на општинските улици бидејќи за решавање на проблеми пречка никогаш не треба да ни бидат парите, тие мора да се најдат. Потребна е волја за да се решат – рече Куновска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top