| четврток, 6 декември 2018 |

Извршена ждрепката за новите кандидати за градоначалници

На седницата не присуствуваше ниту потпретседателот на ДИК од ДУИ, Субхи Јакупи, кој вчераутро се спротивстави Комисијата да го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на листите во двете општини за да се поднесат заеднички листи со СДСМ

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница го изврши дополнителното жребување за утврдување на редоследот на гласачкото ливче за локалните избори на кандидатите на политичките партии кои поднеле листи за членови на совети и на кандидати за градоначалници во дополнителниот рок до 8 март на полноќ. Во дополнителниот рок се пријавиле СДСМ со нивните коалициски партии, Либерална партија, Движење за национално единство на Турците и Републиканска алијанса.

Boris-Kondarko-1

Претходно, на седницата не беше прифатен предлогот на претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на дневен ред да се стави разрешувањето на претседателот на ОИК на Шуто Оризари, кој не ја прифатил советничката листа на СДСМ поради тоа што еден кандидат немал уверение за неосудуваност, а чија одлука ја потврдил и Управниот суд. 

Инаку, членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, пред да биде извршена ждрепката демонстративно ја напушти работата на Комисијата поради несогласување со одлуката на Управниот суд, со која на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ им е овозможено на изборите во Струга и во Кичево да одат со заеднички листи.

Тој побара разрешување на судиите, а нивната одлука ја нарече атентат врз изборниот процес на локаните избори.

– Со ваквите решенија е суспендирано правото и правната држава. Во овој случај функционираше партиската држава, партиската државна изборна комисија и партискиот управен суд. Апелирам до Судскиот државен совет по службена должност да покрене постапка за разрешување на судиите на Управниот суд кои ја донесоа оваа срамна и противзаконска одлука – рече  Ибраими.

На седницата не присуствуваше ниту потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи, од ДУИ, кој вчераутро се спротивстави Комисијата да го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за повлекување на листите во двете општини за да се поднесат заеднички листи со СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top