
Американскиот потпретседател Џозеф Бајден во текот на денешната посета на Киев ја предупреди Русија дека ризикува понатамошна изолација поради „неприфатливото“ постапување кон Украина, апелирајќи да се почитува договорот од Минск.
– Едноставно е неприфатливо до 21 век земјите да се обидуваат со сила да ги прекројат границите… бидејќи не им се допаѓа одлуката што ја донел нивниот сосед, истакна Бајден по средбата со украинскиот претседател Петро Порошенко.
Бајден ја предупреди Русија дека не ги исполнува обврските од договорот од Минск од 5. септември.
– Додека така продолжува, Русија ќе се соочува со се поголема цена, со поголема изолација, наведе Бајден.
Според украинските медиуми американскиот потпретседател истакнал дека партиите во Врховната рада треба што е можно побрзо да формираат нова влада.
– За неколку денови, не за недели, формирајте нова влада што е можно побрзо. Тоа е потребно да се направи во текот на неколку денови, а не недели. Треба да се продолжи со реформите кои ги поддржа народот, да се формираат демократски институции, влада и да се обезбеди интеграција во Европа, истакна Бајден.
Порошенко потенцира дека на средбата со Бајден разговарале за соработката во обласата на безбедноста, енергетиката и финансиската поддршка.
– Без сомнеж, приоритет во разговорите со потпретседателот на САД имаа две насоки – безбедноста и одбраната. Ги разгледавме прашањата за соработка во енергетиката, почнувајќи од нуклеарната енергетика и завршувајќи со кризната координација во случај да биде доведена доставата на гас, посочи Порошенко.
Тој наведе и дека е постигната согласност за решавање на кризната ситуација во Донбас да се вклучи трилатерална Контакт група.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


