Шампионот Работнички се забревта во домашниот шампионат и куп и игра одлично, а во суперизбалансираниот тим на тренерот Игор Ангеловски, сепак, се издвојува тандемот напаѓачи Аце Стојков и Марјан Алтипармаковски. Во последно време офанзивната комбинација на „романтичарите“ си поигрува со противничките одбрани, а головите се редат како на филмска лента. Помладиот Алтипармаковски засега е поефикасен со 10 гола, како прв стрелец во лигата заедно со Бојан Вручина од Шкендија, а Стојков постигна шест гола, но тој пристигна во Работнички малку подоцна. Тие двајца се вистински спој на младост и на искуство, комбинација што експресно блесна на терените во Македонија. Струмичанецот Стојков има 31 година, а битолската машина за голови Алтипармаковски е за осум лета помлад. Заедно се тамам за фудбалски фестивал од голови низ Македонија, со вкупен ефект од 16 погодоци по 15 кола. Работнички со серијата од седум победи и со 31 бод се зацврсти на втората позиција, зад Вардар, кој е лидер со 37 бода.
Работнички е во серија од седум победи и игра во шампионска форма. Достижна ли е титулата?
Алтипармаковски: Ние ќе одиме чекор по чекор, на секој натпревар на победа. Разликата со Вардар не е голема, само шест бода, и мислам дека е достижна. Предност на Работнички е што нема притисок. Од меч во меч играме сѐ подобро и верувам дека докрај ќе останеме во комбинација за двете титули и во првенството и во купот. Шкендија веќе многу заостанува, а се надевам дека и кај Вардар ќе дојде до пад во формата. Тие се главни фаворити, но и ние не се откажуваме.
Стојков: Вардар ќе ни биде главен конкурент. Мојот поранешен клуб сѐ уште нема пораз и игра добро, што покажува дека е главен конкурент за титулата. Ние ќе ја чекаме нашата шанса, серијата од седум победи е добра гаранција дека имаме потенцијал да ја одбраниме титулата. Ќе играме против Вардар за две кола и, можеби, токму тој меч ќе ја даде одлуката дали имаме капацитет да атакуваме на шампионската круна.
Првпат играте заедно, а ефектот е извонреден, 16 гола, со што сте најдобар тандем во лигата. Очекувавте ли ваков голгетерски бум?
Алтипармаковски: Искрено не очекував дека заедно ќе постигнеме толку голови, но тоа не е само моја заслуга и на Аце. Сите фудбалери на Работнички се вистински професионалци, играат одлично, тимската атмосфера е на ниво и ни носи добри резултати. Ако нема соработка со средниот ред и со одбраната, тогаш ќе нема и успеси. Засега сите линии функционираат беспрекорно, а наше е да даваме голови.
Стојков: Искрено, не очекував дека ќе имаме таков голгетерски ефект. Јас почнав да играм од шестото коло за Работнички и засега сум сосема задоволен како ми оди и мене лично и во тандем со Марјан. Големи заслуги за нашиот ефект имаат сите играчи на клубот. Фудбалот е тимска игра, а резултатот на Работнички досега покажува дека сме вистински тим.
Различни генерации сте, а одлично се разбирате на терен. Како го објаснувате беспрекорното функционирање во нападот на Работнички?
Алтипармаковски: За мене Стојков е најдобриот офанзивен играч во Првата македонска лига. Знае сѐ за фудбалот и има неверојатна брзина. Неговото искуство е драгоцено и многу ми помага. Покрај него можам да се надградувам, да бидам подобар. Секако дека големиот број од головите што ги постигнав досега се и негово дело.
Стојков: И двајцата имаме солидно интернационално искуство и, веројатно, и тоа ни помогна брзо да се вклопиме. Иако е млад и има само 23 години, Алтипармаковски игра многу зрело. Некако експресно се пронајдовме на теренот, а, можеби, ни помага и тоа што сме различен профил на напаѓачи. Марјан е шпиц и има неверојатно чувство за гол, тоа одлично го користи и сосема заслужено е на врвот на листата на стрелци со 10 погодоци. За кус период да постигнете толку голови не може да биде случајно, што само потврдува дека тој има врвни квалитети на модерен напаѓач.
Стојков го врати статусот репрезентативец на Македонија, а Алтипармаковски сериозно чука на портите на националниот состав. Ќе ве видиме ли како тандем и во дресот на нашата репрезентација?
Алтипармаковски: Сосема заслужено Аце е дел од нашата репрезентација, а секако дека и јас сонувам да го носам дресот со националните обележја. Играв стандардно во сите младински селекции, а мое е само да продолжам да играм добро и да давам голови, по што верувам дека ќе следи и покана за настап за сениорската репрезентација.
Стојков: Головите и добрите игри се вистинска препорака за место во репрезентацијата на Македонија. Јас не решавам за тоа кој ќе игра, но знам дека мојот помлад колега од Работнички може да помогне во националната селекција. Само треба да продолжи да игра во истиот стил како и досега и зошто да не бидеме тандем и во дресот со национални обележја? Алтипармаковски ги помина сите младински селекции, што покажува дека има капацитет да игра и за сениорската репрезентација на Македонија.
Головите носат бодови и победи. Колку погодоци на крајот од шампионатот ќе има на контото на Стојков и на Алтипармаковски?
Алтипармаковски: Јас нема да прогнозирам, само ќе посакам да ги има што повеќе на заедничкото конто и во билансот на Работнички. Што повеќе играчи даваат голови, тоа ќе биде подобро за клубот. Мене лично не ми е важно колку погодоци ќе постигнам, само посакувам со Работнички да освојам титули.
Стојков: Верувам дека со поддршка на целиот тим можеме да го удвоиме придонесот до крајот на сезоната. Се разбираме одлично во нападот, па верувам дека бројката од 35 до 40 гола заедно е достижна цел. Ќе бидам среќен и да не стасаме до таков ефект, само Работнички да ја дополни колекцијата со уште некој трофеј во оваа сезона.
Македонија во мало, струмичанец и битолчанец газат заедно во клуб од Скопје. Ќе биде ли ова добитна комбинација за Работнички?
Алтипармаковски: Добро се снаоѓаме во Скопје, и јас и Аце. Работнички е вистински клуб во кој се игра напаѓачки, за гол повеќе, со мошне атрактивен стил. Не ме чуди што сме добар спој бидејќи Струмица и Битола се познати расадници на добри фудбалери. Случајно сме тандем, но не случајно играме добро и ние и целиот тим на Работнички. Ќе биде добро нашата заедничка авантура да ја прославиме со шампионска круна.
Стојков: Комплетниот состав на Работнички е Македонија во мало, а сите заедно успеваме одлично да соработуваме и да бележиме добри резултати. Се согласувам со Алтипармаковски дека Струмица и Битола се вистински расадници на талентирани и квалитетни фудбалери, а верувам дека со наша помош овој пат трофеите од националното првенство и од купот на Македонија ќе му припаднат на Работнички.
(Пишува: Зоран Поповски
Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.