Директорката на Реакцијата на Комиција за односи со верските заедници и реалигиозни групи, Валентина Божиновска упати реакција до исламската верска заедница на Република Македонија, а по повод изјавата на Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи. Ја пренесуваме реакција во целост.
Ефенди, Ефенди,
За жал уште еднаш се огласувате небаре сте претседател на политичка партија, а не претседател на втората по големина верска заедница, Исламската верска заедница. Зар личи и приличи првиот човек кој треба да биде гласник на обединувањето, помирувањето, љубовта, кој треба да биде пример на нацијата со богоугодни зборови и реторики, Вие, Ефенди, сурово да ги нападнете Македонците муслимани.
Кој верски лидер се дрзнува да го скрши македонското национално ткиво и луѓето кои во одреден историски период беа исламизирани и кои се чувствуваат како Македонци, да ги нарече ин витро нација. Што сте вие, Ефенди? Претседател? Потпретседател? Портпарол на одредена политичка партија? Или, верски лидер чија задача е да постапува разумно, мудро и да не ги загрозува високите човечки морални вредности? Убаво би било да тргнете еден ден по Река, да појдете во Жировница, во Велебрдо, во Ростуше и да го слушнете тој најубав певлив македонски јазик, тоа ретко патриотско чувство кое го имаат за македонската држава, тие прекрасни духовни луѓе кои и се чувствуваат Македонци и дишат на македонски и според ликата и приликата на еден поединец не е важно колку ги има по број, важно е колку се корисни како поединци во државата. Тие се, Ефенди, и корисни и духовни и по јазикот и по чувството им македонско и по ставот им национален македонски. Имаат право на сопствена вероисповед и на сопствено национално чувство.
Сетете се за што се залагаше покојниот – стожер на Исламската верска заедница, еф. Јакуб Селимовски, кој беше дел од нив и со каква љубов зборуваше за нив. Зошто е неприфатливо за Вас дека постојат Македонци муслимани. Како што постојат Албанци муслимани, Албанци католици, Албанци православни.
Ефенди, многу навреда фрливте врз Македонците муслимани. Отворете го Куранот, Сура 23, 43 „Ниеден народ не може ни да го забрза ни да го задоцни рокот негов“ (цитат од Куранот).
Ете, Ефенди, ова Ви го цитирам од Светата книга Куранот. А сега наместо понатамошно беседење од моја и од Ваша страна, Ви преточувам една од песните со најсликовито опишано чувство на Македонецот муслиман, чиј автор е единствениот Сами Жарноски:
Ме викате Торбеш, но мојот прадедо
вера не би менил ни за торба сребро.
Меса му капеле под кундаци силни
животот му течел од жилите сини.
Ме виката Торбеш но горам од љубов
за секоја грутка на мојава земја.
Вардар, Пирин, Егеј ми го пленат умов
на срце ги носам како пролет цветна.
Не викајте ме ТОРБЕШ
Зошто ѕвездите ќе ми изгаснат во очиве
и ќе се исцедат како солзи на доенче.
Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто и сонцето пци ќе ми го исколат
и кобили со врели копита
градиве ќе ми ги здробат.
Не викајте ме ТОРБЕШ
зашто ќе ми пресушат потоците во жиливе
а утробата одрана кожа ќе ми се стори.
Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто кринов цвет ни вовирате во мишкиве суви
што ги притајуваме со болка и надеж и вера
во секое наше утре.
Не викајте ни ТОРБЕШ
зашто млекото ќе им се пресуши
на момиве наши со заруменети образи,
а на ергените красти ќе им ги искинат кожите.
Не викајте ни ТОРБЕШ
и не вовирајте ни нокти во мозокот
нас не ќе не’ сотре безименоста.
Со почит,
ДИРЕКТОР,
Проф.д-р Валентина Божиновска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ванковска: Според Уставот, за одлука за стапување во сојуз или заедница треба 900 илјади гласа „за“
-
ВМРО-ДПМНЕ: Заев денес призна дека ќе се смени и името на сите државни институции, МАНУ, личните карти, пасошите
-
МИОА: Работевме во екстремно кратки рокови и ова беше единствен начин Македонија да биде домаќин на Дигиталниот самит
-
По поништување на конкурсот за класични композиции реакции: Алаѓозовски не смее да биде министер повеќе ниту еден ден!