| четврток, 6 декември 2018 |

Унгарија му прави пат на „Jужен тек“

Унгарскиот парламент изгласа закон што отвора пат за изградба на рускиот гасовод „Јужен тек“, што е најнов начин на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ѝ се спротивстави на Европската унија

Украинските законодавци изгласаа амандман со кој на дадена компанија ѝ се дозволува да гради гасовод, дури и ако ги нема потребните дозволи за работа, информира интернет-страницата на унгарскиот парламент. Во законодавниот дом, каде што Орбан има двотретинско мнозинство, гласаа 132 пратеници, од кои 32 гласаа „за“.

– Целта е да се засили „Јужен тек“ и да ѝ покажеме на Русија дека Унгарија го сфаќа овој проект сериозно – изјави Атила Холода, стручњак за енергетска регулатива и помошник на државниот секретар во владата на Орбан од 2012 година.

– Унгарија, најверојатно, за шест месеци ќе почне со изградба на гасоводот, чијашто цел е заобиколување на Украина – изјави на 27 октомври Чаба Баи, директор на државната компанија „МВМ Зрт.“, која е заеднички потфат со „ОАО Гаспром“ за изградба и за функционирање за гасоводот. Новата компанија нема дозвола за работа. ЕУ го блокираше „Јужен тек“ и заедно со САД ѝ наметнаа економски санкции на Русија поради потезите на Владимир Путин во Украина.

– „Јужен тек“ е од непроценлива важност за Унгарија бидејќи ја зголемува сигурноста на земјата во поглед на снабдувањето со гас – изјави шефот на кабинет Јанош Лазар на 22 октомври.

 

Изолирање на Украина

Предложениот гасовод со должина од 2.446 километри би го пренесувал рускиот гас под Црно Море – алтернативен пат на гасот до Европа, без да мора да се заобиколи изворот. Според замислата, „Јужен тек“ ќе испорачува 63 милијарди кубни метри гас годишно поминувајќи низ Бугарија, Србија, Унгарија и Словенија, пред да влезе во Италија, наведува неговата  интернет-страница. Четири од овие држави се членки на ЕУ, додека, пак, Србија работи на остварувањето на истата цел.

Со овој проект би се пресекла зависноста на „Гаспром“ од украинскиот систем за пренос на гас. ЕУ и САД ја притиснаа Бугарија да ја прекине изградбата на гасоводот во јуни.

Поддршката што му ја дава Орбан на „Јужен тек“ е најнов начин за затегнување на односите меѓу Унгарија од една страна, и НАТО и ЕУ од друга. Во јануари, Унгарија направи договор за проширување на единствената нуклеарна централа во земјата кон Русија, за што зеде на заем 10 милијарди евра од Москва. Орбан во април беше повторно избран за четиригодишен мандат, а во јули изјави дека сака да основа „либерална држава“ во рамките на ЕУ, земајќи го Путин за пример.

 

Svet115-1

 

Орбан: Унгарија е под притисок од САД за „Јужен тек“ и за „Пакс“

– Соединетите Американски Држави вршат огромен притисок врз Унгарија бидејќи се противат на „Јужен тек“ и на ширењето на нуклеарната централа „Пакс“ – рече унгарскиот премиер Виктор Орбан во својот говор од 6 ноември во фондацијата „Ханс Сајдел“ во Минхен.

Орбан изјави дека гасоводот и проектот за ширење се, пред сè, од економска природа, но по руско-украинскиот конфликт добиваат геополитички, воен и безбедносен предзнак.

– Вашингтон ги разбира обете прашања како приближување кон Русија, додека, пак, ние не сакаме ниту да се приближиме, ниту, пак, да се дистанцираме од некого. Не спроведуваме политика наклонета кон Русија, туку политика наклонета кон Унгарија – додава Орбан.

Премиерот изјави дека и изградбата на гасоводот „Јужен тек“, и ширењето на „Пакс“ се во корист на државните интереси на Унгарија.

– Изградбата на „Јужен тек“, брат-близнак на „Северен тек“, кој го носи рускиот гас до Германија заобиколувајќи ја Украина, е во корист на унгарските интереси обезбедувајќи сигурност во снабдувањето со гас со тоа што ги отстранува ризиците што ги носи ситуацијата во Украина – рече Орбан.

Во однос на надградувањето на „Пакс“, единствената нуклеарна централа во Унгарија, Орбан рече дека евтината енергија е клучна за засилување на унгарската конкурентност. За разлика од Германија, Унгарија нема огромни средства, кои би ги инвестирала во поддршка на производство на обновлива енергија, а земјата располага со многу мали енергетски ресурси, посочи Орбан.

Според Орбан, единствен можен начин за Унгарија да ја намали зависноста од надворешни енергетски ресурси е ширењето на државната нуклеарна централа „Пакс“, Бидејќи централата е градена со руска технологија, „јасно“ е дека нејзината надградба треба да биде во соработка со Русите. Меѓутоа, Американците тоа го толкуваат како потег на Унгарија за приближување кон Русија во време кога сметаат дека Европа не треба да соработува со Русија, туку да се оддалечи од неа. Токму затоа, САД се жестоки противници на „Пакс“, вели Орбан, нагласувајќи дека САД, исто така, многу би сакале да ги изградат двата нови блока од централата.

Во поглед на кризата во Украина, за Орбан решителните акции на Западот се целосно оправдани. Не пропушта да додаде и дека економските санкции врз Русија влијаат и на Унгарија. Орбан смета дека доколку не се пронајде поразумна политика, и централна Европа и Германија ќе претрпат огромни економски последници во иднина.

Орбан предложи шема за надоместување за поддршка на земјите што ѝ се лојални на политиката на санкции, а трпат последици од неа.

– Решение за ова може да се пронајде само преку дипломатски средства – рече Орбан повикувајќи што поскоро да се одржат суштински разговори. Тоа би било во полза на централна Европа и на Германија.

– Но, бидејќи ниту  централна Европа, ниту, пак, Германија не можат да им бидат „нелојални“ на своите сојузи, би требало да извршат позитивно влијание во ЕУ и во НАТО. Меѓутоа, овие два сојуза немаат алтернативна политика во моментов, освен санкциите, кои причинија сериозни последици – рече Орбан.

Според премиерот, во корист на Унгарија е да постои демократска, самоодржлива Украина, која ќе биде „лоцирана“ меѓу Унгарците и Русите, бидејќи Унгарија веќе беше руски сосед и не би сакала повторно да биде во иста позиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top