| четврток, 6 декември 2018 |

Нови напади на џихадистите во Ирак

Џихадистите од Исламската држава во петокот почнаа голема офанзива за да го заземат ирачкиот град Рамади, стотина километри западно од престолнината Багдад, соопштија ирачки безбедносни извори.

Сунитската екстремна група од порано под контрола има неколку населби во Рамади, а цел на нејзините нови напади е заземање на центарот на градот. Рамади е сместен во мнозинската сунитска покраина Ал-Анбар, која во добар дел е под контрола на џихадистите од Исламската држава.

Додека центарот на градот е под опасност од минофрлачки оган на екстремистите, судири избувнале и во околината на Рамади, една од последните урбани зони коишто се делумно под контрола на централните ирачки власти во покраината Ал-Анбар.

– Исламската држава покрена ненадеен напад од четири сектори – северниот, западниот, источниот и јужниот – изјавил за АФП неименуван полициски офицер истакнувајќи дека џихадистите активирале експлозиви поставени во автомобили бомби, чиишто цели биле позиции на безбедносните сили на Ирак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top