| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците Имеровски, Исмајлоска и Билали го повикаа реисот Реџепи да се извини

reis dugackaПо колумната на реисот Сулејман Реџепи, поглаварот на ИВЗ во Македонија, во кој го негира постоењето на Македонците со исламска вероисповед, до него лично се обратија Фатмир Имеровски, Нола Исмаjлоска и Алим Билали, пратеници во Собранието на Република Македонија, со барање да се извини.

Нивното писмено обраќање до Реисот Реџепи „Република“ во целост го пренесува

Интегрален текст

Почитуван Реису,

Дозволете ни како верници, но и како пратеници во Собранието на Република Македонија, избрани и поддржани токму од Македонците Муслимани директно и недвосмислено да ви укажеме на заблудата или лошата намера со која живеете.

Македонците Муслимани се реалност која постои денес, но постои и со децении и векови наназад на територијата на Македонија и пошироко. Никој освен нас самите не може и не смее да си дозволи да ни кажува кои сме и какви сме. Ние знаеме кој јазик го говориме денес, но и кој јазик го говореле нашите баби и дедовци. Ние знаеме кои песни ги пееме, но и кои песни ги пееле нашите предци. Ние си ја знаеме нашата историја и традиција и длабоко си ја почитуваме.

Затоа, навредени сме од изјавата со која вие нам ни кажувате дека самите за себе не знаеме кој сме и што сме. Оваа изјава, почитуван Реису, е дрска и омаловажувачка. Жалиме што Вие сами се ставате во улога на асимилатор и ја продолжувате праксата на обиди за асимилација на нас Македонците Муслимани.

Денес во Македонија живеат близу 100 000 луѓе кои за себе знаат дека се Македонци и знаат дека се Муслимани. Тоа вам не ви се допаѓа, а треба да бидете човек кој при себе ги обединува сите верници. За вас воопшто не треба да има разлика дали некој Муслиман е Македонец, Албанец, Турчин, Бошњак, Ром или било што друго. Вие треба да се однесувате спрема сите нив еднакво и мирољубиво.

Кој сте Вие почитуван Реису за да си дозволите да не навредувате? Кој сте вие почитуван Реису за да си дозволите да не асимилирате? Зар вие повеќе знаете за нас од нас самите?

Вие како Албанец дали истата навреда што ја изрековте за Македонците Муслимани ќе ја изречете и за Албанците кои не се Муслимани, кои се Православни и Католици? Дали и тие се ин-витро проект? Како може да постојат Албанци со Православна вера, а не може да постојат Македонци со исламска вера? Зар не сме живееле заедно со векови и зар не сме поминувале заедно низ сите добри и лоши работи што ни ги носела историјата?

Почитуван Реису, зар не знаете дека џамиите во кои ние Македонците Муслимани одиме денес се најполни и најпосетувани? Зар не знаете дека токму Македонците Муслимани се предани во почитта спрема Бога и верата? Зар кога ни се обраќате нам зборувате на друг јазик кој ние не го знаеме и не го разбираме? Зар вербата во Бог зависи од тоа на кој народ припаѓаме и кој јазик го говориме?

Зошто толку омраза кон нас? Зошто толкава желба да не асимилирате и вие нам да ни кажувате кои сме и што сме?

Ние ќе ве почитуваме вам, но и вие, како прв меѓу нас верниците од исламска вероисповест треба да научите да не почитувате. Бараме од Вас извинување за сите 100 000 Македонци Муслимани кои денес живеат во Македонија.

Почитуван Реису, јас сум Фатмир Имероски и јас сум Македонец Муслиман.

Почитуван Реису, јас сум Нола Исмајлоска и јас сум Македонка Муслиман.

Почитуван Реису, јас сум Алим Билали и јас сум Македонец Муслиман.

Ние сме избрани да бидеме Пратеници и да ги претставуваме Македонците Муслимани и затоа Ви велиме дека Вие немате право да не навредувате и омаловажувате.

Со децении многу како Вас си поигруваа со нашите чуства. Денес конечно имаме право и слобода јасно и гласно да кажеме кои сме и какви сме. Вие нема да ни го одземете тоа.

Со верба дека ќе разберете каква ужасна грешка сте направиле уште еднаш Ве повикуваме да се извините.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top