
Од почетокот на 2015 година влегува во сила обврската за плаќање придонеси за работа по договор за дело, авторски договор, друг договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичко лице остварува приход што во нето-износот е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон. Со оваа нова законска обврска лицата што досега остварувале приходи по овие основи и не биле во работен однос или самовработување се вклучуваат во задолжително социјално осигурување, осигурениците остваруваат повисок износ на пензија и лицата што биле вработени и имаат пензиски стаж пократок од 15 години, а потоа работеле како хонорарни работници, на овој начин добиваат можност да ги исполнат условите за пензија. Бенефитот од примената на овие законски измени оди на сметка на хонорарците.
– Од 1.1.2015 година, во согласност со измените на одредбите од Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, на приходот остварен од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело, авторски договор, друг договор што во нето-износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон, ќе се пресметува и плаќа придонес за пензиско и за инвалидско осигурување и придонес за задолжително здравствено осигурување – вели Марјан Гијовски од Министерството на труд и за социјална политика.
Тој дообјаснува за видовите договори што ќе бидат опфатени со оваа нова владина мерка.
– Новите законски одредби ќе се применуваат за договор за дело, авторски договор, друг договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичко лице остварува приход што во нето-износ е повисок од износот на минималната плата утврдена со закон (9.590,00 денари во 2015 година) – истакнува Гијовски.
Новото законско решение содржи и исклучоци, односно договори за кои нема да се плаќаат придонеси.
– Договори што не се опфатени во согласност со законските одредби за плаќање социјални придонеси се примања на професионални спортисти (премии, трансфери), примања на избрани или именувани лица, надомест по основа на стипендии, договори за јавна работа, кои ги склучуваат единиците на локалната самоуправа, договор за закуп, волонтерство согласност со закон. Надоместот за судии, поротници, вешти лица и стечајни управници, надомест за врвни спортисти, договор за дело, авторски договор, друг договор од извршување физичка и/или интелектуална работа со кои физичко лице – корисник на пензија, според прописите од пензиското и инвалидското осигурување, не подлежат на плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување – додава Гијовски.

Изоставувањето на функционерите, судиите, спортистите и на стечајните управници од обврската за хонорарите да плаќаат придонеси наиде на неодобрување кај дел од стопанственците бидејќи сметаат дека на тој начин се дискриминираат другите, кои се обврзани да ги плаќаат новите давачки, иако надлежните објаснуваат дека не станува збор за целосно изоставување, туку се изоставени само одредени надоместоци.
– За мене беше најдобро да се стават сите во еден ист кош. Бидејќи овде е користена една форма „и други видови договори“ и сега под таа форма друг вид договор може сѐ да влезе. Значи, излегува дека на еден начин тие се привилегирани, ако за нив не се плаќаат овие дополнителни придонеси – смета Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија.
– Позитивната работа е што одредени фиктивни договори за дела и за авторски хонорари, кои, во суштина, беа работен однос, а не се регистрирани како такви, сега ќе немаат интерес да го прават тоа. Значи ако ги плаќаат придонесите за пензиско и за здравствено, тогаш е подобро да го регистрираат работникот во редовен работен однос – смета претседателот на ОРМ.
Од оваа организацијата сметаат дека договорот за дело е двостран.
– Има шанса од јануари хонорарецот и да добие и да загуби. Ако на компанијата ѝ е потребен ангажираниот, тогаш ќе му го плати договорениот хонорар и посебно придонесите, а доколку на работникот му е потребен ангажман, тогаш од износот на хонорарот ќе треба да ги издвои и плати придонесите – додава Димитров.
Според него, најголемиот проблем произлегува од двојното плаќање на здравственото осигурување, а се добива еден вид здравствена услуга.
– Ако едно лице е вработено и работодавецот за него плаќа придонеси, а воедно работи и хонорарно и за тие примања ќе треба да се плаќаат придонеси, во ред, тоа може ќе го крене прагот на висината на пензијата што ќе се прима, но што е со здравствените давачки, зар ќе се добие подобра услуга во установите. И мислам дека се работи за недоволно прецизирани одредби од новото законско решение. Останува да ги видиме ефектите, а тие ќе бидат видливи веќе за три месеци – објаснува Димитров.
Според некои процени, во земјава има околу 150.000 хонорарци, за кои в година ќе треба да се плаќаат придонеси.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 115. број на неделникот „Република“, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе закон за покачување на пензиите за 10 отсто
-
Царовска ја почна чистката: Принудна пензија за над 1000 вработени во администрацијата
-
Во Германија ако имате помала пензија од 836 евра ќе примате социјална помош
-
Државна пензија за сите граѓани на Македонија: Еве колку ќе изнесува и како ќе функционира


