Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија на големиот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Скопје, пред околу 90 илјади присутни рече дека пред него гледа народ кој издржал многу премрежја и преживеал многу лажни ветувања и научил да разликува кој е кој. Рече дека гледа народ кој научил и знае да препознава успеси.
– Пред мене гледам победничка атмосфера! Како во 2005-тата. Како во 2006-тата. Како во 2008 – тата. Како во 2009 – тата. Како во 2011 – тата. Пред мене гледам огромен број на народ кој бара и поддржува дела, проекти, реформи, напредок и успеси! Успеси за Македонија!
Одамна говорат за надминати теми од типот на демократија, слобода, отпор, додаде Груевски.
-Нашите политички соперници не сфаќаат дека времето се промени дека интензивно се спроведуваат реформи. Народот не сака сеење страв и дефетизам и мрачни сценарија. Не нарекувајте го нашиот народ плашлив, нашиот народ не се плаши, тој е горд, храбар, слободен, работлив, посветен и помудар од оние што сакаат да создадат хаос. Овој народ знае да процени и да награди и тие карактеристики ги покажа кога во 2006 та ја симна СДСМ од власт и нема да дозволи истите луѓе пак да се вратат и да го потценуваат, рече Груевски.
Овој народ поддржува дела и ветувања што се остваруваат, рече тој.
-Народот научи да прави разлика меѓу разграбувањето на фирмите и нашите напори да се привлечат инвеститори и да се отворат нови работни места. Главниот столб на нашата економија, фирмите видоа што значи да се има Влада, која ќе помогне кога е потребно. Видоа каква поддршка се дава со субвенционирани кредити за нови работни места. Знаат што значи економски стабилна и цврста земја и една од најниско задолжените земји во Европа. Знаат и земјоделците и пензионерите, со зголемувањето на субвенциите, со зголемувањето на пензиите, вели Груевски, и нагласи дека сето тоа се случува во тешки времиња за народот, во време на економска криза.
Тој рече дека овој народ поддржува дела, ветување кое се остварува, работа и труд, напори за подобрување на квалитетот на живот.
Се осврна и на обвинувањата за големиот број реклами.
– За да правиш реклама мора да имаш дела, нема реклама без дела, треба да имаш што да рекламираш, рече тој.
Што да рекламира Бранко Црвенковски и СДСМ, праша тој. Дали да го рекламира времето кога ја имаа довербата, кога масовно го кршеа ембаргото со шверцот на цигари, да ги рекламираат новосоздадените олигарси или армијата од 200 000 стечајци. Дали да го рекламираат ТАТ или тоа што го промениле името на државата во Бивша Југословенска Република Македонија или проектот кој Бранко Црвенковски го ветил дека ќе вработи по еден член од секое семејство.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ знае дека довербата тешко се стекнува, а лесно се губи, затоа како што рече, со големо внимание ги одбираат кандидатите за градоначалници и советници. Порача дека владејачката партија не говори со празни говори, туку оти говори со конкретни дела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.