Од Обединети за Македонија тврдат дека ова е монтиран политички процес во кој има фрапантно кршење на Уставот и законите на Македонија, како што изјави Раде Милошоски од Обединети за Македонија, по изрекувањето на денешната пресуда за повторениот судски процес за случајот Ровер, според која поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, е осуден на затворска казна од 1о години и шест месеци за помагање при убиството на Марјан Тушевски.
– Министерот за правда во интервју се одважи и кажа дека во Македонија се носат политички пресуди. Верувам дека кога-тогаш во Македонија сите нарачатели, извршители, судии, обвинители, ќе одговараат за кршењето на Уставот и законите. И релевантни професори и Хелсиншки комитет и Стејт департментот укажаа дека претседател на политичка партија во Европа е политички гонет и има политичка пресуда – рече Милошоски.
На судскиот претрес за изрекување на пресудата за случајот „Ровер“ присуствуваа и поблиските членови на семејствата на обвинетите кои мирно и достоинствено ја слушнаа пресудата, а на крајот дадоа аплауз во знак на иронија за одлуката. Пред судот за поддршка на Љубе Бошкоски беа собрани и неговите симпатизери и членови на партијата Обединети за Македонија кои бараа слобода за нивниот лидер.
Видливо беше присуство и на поголем број полициски сили кои беа распоредни околу скопскиот Кривичен суд.
Адвокатите на Љубе Бошкоски не се задоволни од пресудата и сметаат дека судот донел неоснована одлука.
– За овој случај судот беше должен да донесе ослободителна пресуда за обвинетите и во однос на Марјан Тушевски, како што е донесена ослободителна пресуда во однос на Киро Јанев за обвинетиот Љубе Бошкоски и за останатите обвинети кои одговараат за помагање во убиството – изјави еден од неговите адвокати.
Според него, обвинителниот акт не содржи опис на кривичното дело за помагање. Ако обвинителен акт не содржи опис на кривичното дело без обележја и елементи на кривично дело судот е должен да донесе ослободителна пресуда, а во конкретниов случај освен елементи и опис на кривично дело нема ни докази дека Љубе Бошкоски помогнал за убиството на Марјан Тушевски.
Во повторениот судски процес на случајот „Ровер“, кој беше повторен поради укинувањето на првостепената пресуда од Апелација, Бошковски беше ослободен од обвинението во врска со убиството на Киро Јанев.
Останатите обвинети во случајот „Ровер“ добија од пет и пол до осум и пол години затвор. Сите беа прогласени за виновни во врска со убиството на Марјан Тушевски, но за убиството на Киро Јанев добија ослободителни пресуди.
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.










