| четврток, 6 декември 2018 |

Дали ќе има екстерно за студентите, ќе се знае во декември

адеми

Министерството за образование и наука веројатно до средината на декември ќе одлучи и ќе објави дали ќе има државен испит за студентите и во која форма. Ресорниот министер Абдилаќим Адеми за тоа прво ќе дискутира со  универзитетите и студентите.

– Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред се, Одборот за акредитација кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, па универзитетите, студентите, политики на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите – изјави Адеми по отворањето на 11. Денови на доживотно учење.

На прашање дали ќе се дискутира за моделот на проверка или дали проверка воопшто ќе има, Адеми се повика на изјавата на премиерот Никола Груевски минатиот месец кога ја најави новината.

– Ќе се обидам да го цитирам, премиерот кажа „мора нешто да преземеме, за да се зголеми квалитетот на високото образование“. Дали тоа ќе биде државен испит, дали ќе биде друга форма, се уште не е одлучено и кога ќе одлучиме, ќе споделиме со јавноста. Тоа нема да биде тајно, туку  ќе се прави со Закон за високо образование кој ќе се донесе во Собранието. Се уште не е одлучено, и премиерот и јас неколку пати кажавме дека доколку одлучиме, тоа ќе биде транспарентно и се во функција да се зголеми квалитетот на високото образование – додаде Адеми.

На прашање како е оценето дека има пад во квалитетот на студирањето, министерот одговори дека неспорно има квалитетни студенти кои по дипломирањето се вработуваат или продолжуваат на втор и трет циклус надвор од државата, но дека наставата не се следи редовно на сите универзитети.

– Не велам дека виското образование не е квалитетно. Квалитетно е, но има дел од неквалитетното кое може да го загрози целиот наш образовен систем. Во Македонија има околу 20 универзитети, јавни и приватни. Не во сите нив редовно се следи наставата, не во сите студентот кој се запишува, редовно следи настава, дава испити и добива диплома. Има универзитети во кои студентите што се запишани не го знаат ни македонскиот, ни албанскиот јазик, им предаваат со слушалки. Има студенти кои не следат настава, а добиваат оценки. Ги следиме тие состојби, и со Инспекторатот и со други органи, но мора да ставиме и правни механизми тие студенти сами да се исклучат од образовниот систем, а не сите студенти да ги ставиме во ист кош – рече ресорниот министер. 

Вчерашниот студентски протест Адеми го оцени како легитимно и гарантирано право на секого во демократско општество.

– Но, за мене е несфатливо зошто протестираа кога се уште немаме утврдено дали ќе воведеме екстерно оценување или државен испит во високото образование и се уште не е утврден моделот. Кога ќе одлучиме и ќе утврдиме, тоа ќе биде споделено прво со универзитетите и студентите, а потоа и со јавноста – рече Адеми.

Смета дека студентите не биле вистинските организатори на вчерашниот простест и дека, како што рече, некој стои во позадина.

– Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање – изјави министерот за образование и наука.

Додаде дека е отворен да ги прими студентите за да дискутираат, како што пред еден месец имал средба со претседателите на студентите на сите државни универзитети.

– Повторно сум отворен да дискутирам и да ги примам не само легитимните претставници, туку и сите заинтересирани – рече министерот Адеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top