И во третиот обид ракометарките на Вардар не успеаја да ја победат незгодната екипа на Будуќност, а дербито во Лигата на шампионите заврши нерешено 24-24.
Вардар имаше голема шанса да го скрши малерот против европскиот вицешампион, но последниот напад со играч повеќе не беше реализиран. На 10 секунди до крајот на мечот беше исклучена Цвијиќ, што остави простор за домашниот тим да постигне победнички гол, но ударот на Пенезиќ го одбрани голманката на Будуќност, Ждериќ.
Во првиот дел ракометарките на Будуќност беа подобри, поснаодливи и на одмор заминаа со предност од 11-9. Фуриозната игра на Вардар во првите 10 минути од продолжението донесоа комплетен пресврт, па „црвено-црните“ поведоа со 15-12, што навести дека конечно ќе падне и Будуќност.
Ина Суслина бранеше чудесно на голот на Вардар, одбрани 15 удари, а се разигра и брзата и итра Сираба Дембеле, која пресекуваше топки и погодуваше од контранапад, а бомби кон голот на гостинките испраќаше Пенезиќ. Таквата игра донесе солидна предност за Вардар, но Будуќност уште еднаш ја покажа високата класа и успеа да избегне пораз.
Претходно во меѓусебните дуели Црногорките го елиминираа Вардар во полуфиналето на фајналфор турнирот во Будимпешта, а победија и минатата недeла во Подгорица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



